„Би можел да му порачам на Путин дека ако војната не престане, можеме да ги испорачаме ракетите многу лесно“, изјави американскиот претседател
Американскиот претседател Доналд Трамп навести дека би можел да дозволи на Киев да му се испорачаат ракети со долг дострел „Томахавк“, ако Русија не ја заврши војната против Украина. Рускиот претседател Владимир Путин, пак, претходно рече дека ракетите нема да претставуваат голема закана за неговата земја, но предупреди дека потегот би бил нова фаза на ескалација на односите меѓу Вашингтон и Москва.

„Украина би сакала да има ракети ‘Томахавк’. Би можел да му порачам на Путин дека ако војната не престане, можеме да ги испорачаме ракетите многу лесно. Можеби нема, но можеме да го направиме тоа. Дали сакаат ракетите да одат во нивна насока (кон Русија н.з.)? Не мислам така“,
изјави Трамп за новинарите на пат кон Блискиот Исток по повод мировната конференција за Појасот Газа.
Вашингтон нема да ги продава ракетите директно на Киев, туку ќе му ги понуди на НАТО, која би можела да плати за нив и да ги испрати во Украина според претходно објавена програма. Ракетите „Томахавк“ имаат дострел од 2 500 километри и можат да погодат длабоко во Русија, вклучувајќи го и главниот град Москва.
Зеленски вчера изјави дека евентуалната испорака на американските крстосувачки ракети „Томахавк“ ќе биде насочена исклучиво кон воени цели во Русија, а не кон цивилни објекти. Порача дека Украина нема намера да ја ескалира војната, туку да ја засили својата одбрана. Украинскиот претседател претходно побара помош и реакција од меѓународната заедница откако Русија минатата недела изврши над 4 000 воздушни напади врз Украина.