Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на митингот одржан во Свети Николе рече и оти СДСМ е „киднапирана од мала група која ја држи државата во грч“ и оти тие не се борат за Македонија, туку за нивните лични кариери
Секој од вас длабоко во себе знае дека луѓето од опозицијата кои се нудат како алтернатива се токму оние кои со години ја упропастуваа Македонија – порача на денешниот митинг во Свети Николе, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Меѓудругото, рече и дека оние токму тие кои ја упропастувале земјава ја држеле закована за дното, додека за себе обезбедувале привилегии и дворци, додека на таа сметка, народот останал без резултати. Говорејќи за СДСМ, рече оти тие не се борат за земјата, туку за нивни лични кариери и оти партијата е „киднапирана од мала група која ја држи државата во грч.
„Ова за СДСМ не се избори за спас на Македонија, туку избори за спас на нивните лични кариери. Тие се уплашени од одговорност и затоа ова тесна мала група која што ја има киднапирано СДСМ ја држи цела држава Македонија во грч. И како такво, јас ова го разбирам како потценување на гласачите и директна уцена врз цела држава. Јас ја кажувам вистината во очи, без оглед на тоа дали Филипче ме мразел или презирал, како што тоа го кажа на еден од последните митинзи“,
кажа тој.
Мицкоски се осврна и на состојбата во правосудството и испрати критики за ниската доверба во судиите и обвинителите, истакнувајќи дека таа изнесува само два отсто. Според него, недовербата се должи на неказнетиот криминал и сознанија дека повеќе од стотина пријави остануваат во фиоките на судиите и обвинителите, кои, како што кажа, им служат на СДСМ и ДУИ.
„Тие два проценти доверба се резултат на секој неказнет криминал и на сознанието дека повеќе од 100 кривични пријави се задржани во фиоките на судиите и обвинителите кои ја штитат својата политичка олигархија по секоја цена. Тие малкумина се нивните лакеи и извршители, кои сè уште служат на претходната влада на СДСМ и ДУИ“,
рече Мицкоски.
Зборувајќи за градоначалничката трка во Град Скопје, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека кандидатот на СДСМ не се натпреварува со нивниот кандидат, туку со независни кандидати бидејќи очекувањата според него се дека нивниот кандидат (Каја Шукова н.з) ќе освои помалку од 30 000 гласови, што е далеку под нивниот минимум. Токму овој податок покажува дека тие се сега трета или четврта опција во одредени општини во Скопје.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека СДСМ прибегнува и кон пактови со други опозициски партии како Левица и ДУИ за да извади некаков резултат, но според него, она што претходната влада го оставила зад себе, односно, половина милион граѓани со по 150 денари на ден, двоцифрена инфлација, раст на цените и празна државна каса, ќе ги доведе до пораз на претстојните локални избори.
„До тоа дереџе дојде СДСМ, да прави пактови со лица на црни листи, да се сојузува со Левица, да се надева од Али и ДУИ, само за да извади некаков резултат. Не е важно дали мене ме презира Венко Филипче, туку негов проблем е што него, во суштина, не го сака народот поради сите криминали и предавства што ѝ ги сервираа на Македонија и ѝ ја одземаа иднината на државата“,
заклучи Мицкоски.