Покрај загинатото лице, во сообраќајката која се случи околу 14 часот тешко е повредено и 18-годишно момче
Еден маж го загуби животот, а 18-годишно момче е тешко повредено во тешка сообраќајна несреќа што се случи попладнево, околу 14 часот, на експресниот пат Штип – Велес, кај крстосницата за село Иванковци, во близина на силосите, пренесува МИА. Од Министерството за внатрешни работи велат оти во несреќата учествувале две патнички возила кои се судриле директно, а увид на местото извршила екипа на СВР Штип. На терен интервенирала и екипа на Противпожарната единица од Велес.
Од Итната медицинска помош при Здравствениот дом Велес за МИА изјавиле дека повикот за интервенција го добиле во 14:20 часот, а за околу десет минути пристигнале на местото на несреќата.
„Кај едниот возач, постар маж, беше констатирана смрт на смото место. Кај 18-годишното момче од Струмица, кое управувало со другото возило, беа констатирани повреди на карлицата, десното колено и главата, но беше свесен и контактибилен,“
изјави д-р Елена Најдовска од Итна помош.
Повреденото момче било пренесено во Ургентниот центар при Општата болница во Велес, каде што му е укажана понатамошна лекарска помош. Полициски службеници вршат увид на местото на настанот, а причините за несреќата дополнително ќе се утврдуваат.