Тој рече оти оваа заложба ќе почне од неговиот кабинет, најавувајќи дека негов советник ќе биде Ќамуран Исмаили, кого го опиша како извонреден човек и професионалец
Кандидатот на коалицијата ВЛЕН за градоначалник на Општина Чаир, Изет Меџити, на денешната прес-конференција во рамки на изборната кампања за претстојните локални избори, рече оти Чаир под негово водство ќе биде пример за општина во која ќе се промовира инклузија, еднаквост и почит кон сите граѓани, без разлика на нивната етничка припадност.

Тој рече дека во фокусот на неговата програма приоритет ќе биде создавање општество со еднакви можности и достоинство за секој жител на Чаир, особено за лицата со попреченост.
„Во соработка со организациите што работат во оваа насока, ќе изградиме долгорочни политики за пристап до образование, здравствени услуги, транспорт и јавни простори. Ќе создадеме посебни програми за нивно вработување и обука во јавниот сектор и во локалните институции. Ќе ги поддржиме микробизнисите, социјалните претпријатија и заедничките иницијативи, затоа што економската независност е темелот на човековото достоинство“,
кажа тој.
Тој рече оти оваа заложба ќе почне од неговиот кабинет, најавувајќи дека негов советник ќе биде Ќамуран Исмаили, кого го опиша како извонреден човек и професионалец. Додаде дека инклузијата не е привилегија, туку право на секој човек и оти општината Чаир ќе биде пример за општина која не дели, туку обединува. Општина која не зборува за луѓе, туку ги слуша и работи заедно со нив.
„Ќамуран нема да биде таму само симболично, туку ќе има реално влијание. Неговиот глас е гласот на заедница која заслужува да биде слушната, а неговото искуство ќе биде мост меѓу институциите и граѓаните кои често се чувствуваат заборавени,“
заклучи Меџити.