Информации за жртвите во судрите објавија официјални преставници на двете страни, кои разменија и меѓусебни обвинувања околу причините за воените активности долж граничната линија
Десетици војници се убиени во жестоките борби што ноќеска избувнаа на границата меѓу Авганистан и Пакистан, а по кои властите во Исламабад затворија два главни гранилни премини.

Информации за жртвите во судрите објавија официјални преставници на двете страни, кои разменија и меѓусебни обвинувања околу причините за воените активности долж граничната линија.
Портпаролот на владата во Авганистан, предводена од талибанците ,Забихула Муџахид, изјави дека најмалку 58 пакистански војници се убиени, а околу 30 се ранети во размената на оган, пренесоа светските медиуми.
Тој на прес-конференција изјави дека девет авганистански војници се убиени, а околу 18 се повредени во судирите што избувнаа доцна во саботата (11 октомври).
Од друга страна, властите во Пакистан објавија дека 23 пакистански војници се убиени во судирите, додека 29 се ранети.
Пакистанскиот премиер Шебаз Шариф и претседателот Асиф Али Зардари го осудија насилството, за кое го обвинија Авганистан, наведувајќи дека нема да има компромис во одбраната на Пакистан.
„На секоја провокација ќе биде возвратено со силен и ефикасен одговор“,
наведува Шариф во соопштението од неговиот кабинет.
Во него тој ги обвинува талибанските власти во Авганистан дека дозволуваат нивната земја да биде искористена од „терористички елементи“.
Пакистански извори изјавија дека неколку гранични пунктови на талибанците биле уништени во Авганистан за време на одмаздничките акции.
Властите во Кабул предводени од талибанците потврдија дека нивните сили спровеле „успешни одмазднички операции по линијата Дуранд против пакистанските безбедносни сили како одговор на повторените кршења на авганистанскиот воздушен простор и територија“.
Авганистанско-пакистанската граница, долга 2 600 километри, често се нарекува „линија Дуранд“ име што потекнува од колонијалната ера, кога била воспоставена меѓународната граница меѓу двете територии во 1893 година.
Портпаролот на владата во Кабул, Муџахид во изјава за новинарите рече дека одмаздничките операции биле прекинати синоќа на барање на Катар и Саудиска Арабија.
Сепак, како што додал тој, борбите сè уште „течат во неколку области, меѓу кои и Бахрамча во покраината Хелманд, поради континуирани напади од пакистанска страна“, пренесе региоиналниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).
Извештаите од пограничниот регион засега не моѓат да бидат потвредени од независни извори.

Исламабад ја обвинува администрацијата на талибанците дека им нуди засолниште на милитантите кои го напаѓаат Пакистан, што Кабул го негира.
Пакистанските воздушни напади, кои Исламабад официјално не ги потврди, на 9 октомври беа насочени кон лидерот на милитантната група Техрик-е-Талибан Пакистан (ТТП) во Кабул, но не е познато дали тој е убиен.
Инаку, групата Техрик-е-Талибан Пакистан се бори за соборување на владата во Исламабад и нејзино заменување со строг исламски систем на управување.