Говорејќи за изградба на нов современ луна парк, тој рече дека тоа нема да биде само простор со реквизити, туку современ забавен центар со европски стандарди за безбедност, со ролеркостери, водни атракции, интерактивни игри и зони со виртуелна реалност
Одговарајќи на новинарско прашање, тој изјави дека луна паркот би требало да биде готов до јуни 2027 година
Итна изградба на нов Луна парк и целосна обнова на Зоолошката градина во Скопје, се проектите од својата изборна програма, што денеска ги презентираше кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.

Како што кажа тој на денешната прес-конференција, покрај основните три приоритети – обнова на инфраструктурата, подобрување на хигиената и реформа на јавниот превоз, потребен е и жив град, со радост, култура и места каде нашите деца ќе растат во насмевка.
„Затоа денес зборуваме за обновата на две локации, што за жал, се само дел од убавите сеќавања на сите скопјани – Луна паркот и Зоолошката градина. Генерации деца израснаа без луна парк и без вистинска, модерна зоолошка градина. Не смееме да дозволиме тие да бидат само спомени на минатото. Време е новите генерации да растат со свои искуства, да креираат свои убави спомени“,
рече Ѓорѓиевски.
Говорејќи за изградба на нов современ луна парк, тој рече дека тоа нема да биде само простор со реквизити, туку современ забавен центар со европски стандарди за безбедност, со ролеркостери, водени атракции, интерактивни игри и зони со виртуелна реалност.
„Луна паркот ќе биде пристапен за сите. И за лицата со попреченост, со вграден систем за безбедност, видео – надзор и прва помош. Ќе создадеме место каде семејствата ќе поминуваат квалитетно време заедно, каде ќе има зони за одмор, локации за културни настани и улична уметност. Всушност, Скопје ќе добие нова атракција што ќе го подобри туристичкиот имиџ на градот“,
кажа кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој изјави дека луна паркот би требало да биде готов до јуни 2027 година.
Паралелно со тоа, најави дека ќе ја започнат и целосна обнова на Зоолошката градина – Скопје, дека ќе се подобрат условите за животните, но и за посетителите и за вработените. Ѓорѓиевски, исто така, дека ќе ги реновираат живеалиштата за животните, според европски стандарди за хуман третман и благосостојба.

Обновата, како што кажа, ќе вклучува и поставување на топлински пумпи за енергетски ефикасно греење, нови кровови со пластифициран лим, видео – надзор, систем за безбедност и хигиена.
„Ќе се изгради центар за хипорехабилитација, каде деца со аутизам или церебрална парализа ќе можат да добиваат терапевтско јавање, останатите посетители овој центар ќе можат да го користат рекреативно. Ќе се воведе модерен систем за дигитална наплата преку „Скопје сити гоу“ (Skopje City GO), за побрз и полесен пристап“,
рече тој.
Притоа, додаде дека ќе се изгради бушотина за вода и силоси за храна за економично и одржливо работење.
„Со ова, Зоолошката градина – Скопје ќе стане современа, едукативна и хумана институција, што ќе ги привлекува посетителите и ќе ги воспитува децата во духот на почит кон природата и животот. Обновата на Луна паркот и ЗОО – Скопје не се луксуз, туку инвестиции во здравото детство, во семејството и во иднината на градот. Скопје повторно ќе биде град што се грижи за своите улици, за своите жители и за секое дете кое расте во него“,
подвлече Ѓорѓиевски.