На централното чествување на Денот на народното востание – 11 Октомври, во Прилеп, премиерот рече и оти сегашната генерација е последната шанса за да се исправи системот и повика на заедничка работа за иднината на државата
Потребен е суштински дијалог со сите општествени фактори кои се важни за државата, оти не се работи само за мобилизација на политичките елити, туку за неопходноста за активирање на сите општествени структуури за да се направи рестарт во системот, порача премиерот Христијан Мицкоски на денешното чествување по повод 84-годишнината од почетокот на народното востание во Центарот за култура во Прилеп, „Марко Цепенков“.

Мицкоски рече дека тој е подготвен да го води процесот и да работи на обединување на сите околку платформа која не е само политичка или економска, туку општествена, и која ги содржи целите кои државата сака да ги постигне. Воедно, рече и дека сегашната генерација претставува последна шанса за исправување на системот, и повика на заедничка работа за иднината на земјата.
„Академската средина се подели на про наши и про нивни, додека МАНУ често се маргинализира, а разговорите за застапеност и академски титули го надвладуваат суштинското искористување на знаењата и искуствата. Младите создадоа свој микросвет, различен од нашиот, и престана да се комуницира со нив. Потребен е дијалог кој ќе биде суштински, со академската заедница, професорите, младите, искусните и сите со енергија за движење напред“,
рече премиерот.
Во својот говор премиерот се осврна и на тешките периоди низ кои Македонија поминала во последните 30 години, од ембарга, транзиција, воен конфликт, вето и промена на име на држава, но и како тие случувања оставиле трага врз колективната свест и надежта кај граѓаните.
„Системот што се гради овие три децении е трул и нефункционален, оптоварен со отстапки, неразумни компромиси и разочарувања. Граѓаните се уморни од политика, од расправии за основните прашања, бидејќи многумина го заборавија моралот и вредностите што треба да бидат арматура отпорна на сите потреси. Виновниците ги знаеме и ќе ги спречиме да успеат, дури и кога добиваат или подаруваат поклони на други држави“,
кажа тој.
Мицкоски рече и оти констатацијата на многумина дека системот во поранешната држава Југославија, бил многу поорганизиран од сега е поразителен факт, и оти тоа не претставува носталгија кон тој систем кој функциионирал пред триесетина години, туку револт на граѓаните што системот кој се гради во овие триесетина години независност е нефункционален.