Како дел од здравствениот столб на програмата, тој најави формирање здравствени тимови составени од лекари и медицински сестри, кои ќе ги посетуваат пензионерите и лицата што живеат сами
Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од „Националната алијанса за интеграција“, Бујар Османи, денеска на прес-конференција од Скопската чаршија ги презентираше клучните здравствени проекти од својата изборна програма, најавувајќи нов пристап во локалната здравствена политика.

Тој вели дека секој ден во одредено маало ќе има мобилна болница, каде граѓаните доброволно ќе можат да направат превентивни здравствени прегледи и оти овој проект е од огромна важност бидејќи на тој начин не се откриваат поединечни случаи на здравствени проблеми, туку ќе даде придонес за зголемување на општата свест кај граѓаните.
Како дел од здравствениот столб на програмата, тој најави формирање здравствени тимови составени од лекари и медицински сестри, кои ќе ги посетуваат пензионерите и лицата што живеат сами, со цел да им обезбедат редовна здравствена грижа.
„Повозрасните лица се најпогодени по однос на здравјето. За нив ќе подготвиме тимови кои ќе ги посетуваат во нивните домови кога ќе има потреба“,
кажа Османи.
Османи рече и дека ќе се реализираат специфични превентивни програми за жените, со акцент на раното откривање на ракот на дојка, како и поддршка за физичкото и за менталното здравје. Дополнително, рече дека неговата визија за здравството во Чаир се темели на превенцијата, а не на скапи и задоцнети интервенции.
„Триесет отсто од децата во Чаир имаат хронични заболувања на белите дробови поради нечистотијата и правот на улиците. Полициските извештаи покажуваат дека четири лица дневно завршуваат на операциона маса поради урбаниот хаос и сообраќајните несреќи“,
кажа тој.