Лидерот на ЗНАМ најави дека во наредните четири години ќе се посвети на подобрување на хигиената во Куманово, продолжување на реализацијата на инфраструктурни проекти, подобрување на услугите што ги вршат јавните претпријатија
Во изминатите осум години се посветив на сите делови во градот. Опозицијата може да шпекулира колку сака, но она што јас со мојот тим го реализирав во изминатите осум години е тука, порача претседателот на Движењето ЗНАМ и кандидат за градоначалник, Максим Димитриевски, во вечерашното интервју на телевизијата Алсат-М.

„Извршивме реконструкција на 16 училишта, изградба на четири нови училишни спортски сали, реконструирана спортската сала во рок од четири години, а претходно ја уништуваа 40 години. Реконструиран е Градскиот парк со најдолга тартан-патека во државата, реконструиран е Соколанскиот парк. Последната реконструкција е на една од најстарите улици во градот каде што живее мешан етнички состав или доминантно албанско население“,
рече Димитриевски.
Кандидатот за трет градоначалнички мандат на Куманово истакна дека никогаш и никого не дискриминирал по етничка линија.
„Јас ги почитувам сите мои сограѓани. Тие се за мене сите исти. Прво се кумановци, а потоа Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи, Срби, сè останато. Јас едноставно интервенирам и инвестирам секаде,“
нагласи Димитриевски.
Лидерот на ЗНАМ најави дека во наредните четири години ќе се посвети на подобрување на хигиената во Куманово, продолжување на реализацијата на инфраструктурни проекти, подобрување на услугите што ги вршат јавните претпријатија.
Димитриевски е градоначалник на Куманово осум години. Во трката за трет мандат, тој е поддржан и од партнерите на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија во Владата.