Според локалните власти, детонацијата ги потресе околните куќи и предизвика серија помали експлозии
Неколку лица загинаа, а најмалку 12 се водат за исчезнати во експлозијата што денеска се случи во воениот објект за производство на експлозиви во американската сојузна држава Тенеси.

Според локалните власти, детонацијата ги потресе околните куќи и предизвика серија помали експлозии.
Експлозијата се случила околу 7:45 часот наутро по локално време, а шерифот на округот Хамфрис Крис Дејвис, ја опишал како разорна. Тој додал дека службите за итни случаи ја обезбедиле пошироката област на несреќата до доцна наутро.
„Во овој момент имаме неколку лица кои се водат како исчезнати. Можеме да потврдиме дека имаме некои починати“,
рекол Дејвис.
Голем број служби за итни случаи се на терен за да ја проценат штетата и да го изгаснат пожарот. Поради опасноста од секундарни експлозии, спасувачите засега остануваат на безбедно растојание од епицентарот.
Објектот, во сопственост на „Акјурет енерџетик системс, ЛЛЦ“ (Accurate Energetic Systems, LLC), се наоѓа на границата на окрузите Хикман и Хамфрис, околу еден час возење југозападно од Нешвил. Компанијата е специјализирана за производство на воени експлозиви.