Најави и поврзување на плоштадот „Скендербег“ со Скопското кале преку покриена мултифункционална галерија, која ќе биде мултиетнички и мултиверски центар за културни, уметнички и едукативни активности
Кандидатот за градоначалник на Општина Чаир од „Националната алијанса за интеграција“, предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, денеска ја претстави визијата за целосна реставрација и ревитализација на Старата скопска чаршија или како што ја нарече чаирската чаршија, со цел да се врати нејзиниот автентичен изглед, дух и достоинство на оваа историска и културна целина.

„Денеска ја презентираме програмата за чаирската чаршија, ако можам да кажам, или Скопската чаршија. Најголемото богатство на Чаир. Нешто што би го посакале и поголемите градови во светот. Како чаршија, која е најголема на Балканот, нуди многу можности, не само економски, туку туристички и културни“,
рече тој.
Програмата „Визија за Чаир“, како што рече, е подготвена од најеминентни архитекти во светот, се предвидува обнова на Чаршијата во едно живо наследство, во кое историјата и модерното ќе заживеат во едно.
Најави дека општината ќе ги субвенционира новите занаетчиски бизниси и мајсторите што ќе ги обучуваат младите во традиционални занаети, со што ќе се создаде брендот „Направено во Чаршија“ (Made in Charshija), со цел да се промовираат локалните производи.
„Луѓето не доаѓаат во Чаршија за да јадат ‘брза храна‘ (fast food), туку поради нејзиниот историски карактер и занаетчиските производи. Затоа, општината ќе го субвенционира секој нов занаетчиски бизнис што ќе се отвори во Чаршијата, како и секој мајстор што ќе ги пренесува традиционалните вештини на младите ученици“,
вели Османи.
Според него, сега Чаршијата е далеку од нејзиниот потенцијал и од вредноста што ја заслужува.
„Таа е нечиста, влезовите се блокирани, дупките по улиците се опасни за пешаците и туристите“,
рече тој.
За таа цел, најави формирање на стратегиски управен совет во кој ќе бидат вклучени сите засегнати страни, како општината, еснафот на Чаршијата, бизнисите, младите, жените и верските заедници.
„Овој совет ќе ја дефинира стратегиската насока на развојот на Чаршијата“,
кажа Османи.
Смета дека на тој начин ќе се создаде уникатен дизајнерски кон на Чаршијата и ќе се унифицира нејзиниот визуелен изглед и карактер.
Најави поврзување на плоштадот „Скендербег“ со Скопското кале преку покриена мултифункционална галерија, која ќе биде мултиетнички и мултиверски центар за културни, уметнички и едукативни активности.
Од 1997 година, како што рече, Чаршијата нема урбанистички план, ниту детален урбанистички план, нешто што, според него, не смеело да се дозволи.