Тоа, според неа, ќе го олесни животот и работата на сите оние што дејствуваат во Старата скопска чаршија, зашто сите административни обврски ќе ги завршуваат на едно место
Кандидатката за градоначалничка за Град Скопје од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Каја Шукова, денеска ја претстави својата визија за Старата скопска чаршија, за која рече дека е душата на Скопје, но дека сега е задушена од нечистотија, административен хаос и институционална негрижа.

„Визијата е да им ја вратиме Чаршијата на скопјани. Имам решение. Секојдневно чистење, нова урбана опрема, јавно осветлување и ви-фи зони, со почит кон автентичниот изглед“,
кажа таа.
Вети и поддршка за дуќанџиите и занаетчиите, со буџетски средства за реконструкција на дуќани, правна и финансиска помош и отворени школи на занаетчии и мајсторски работилници.
„Нашата цел е чаршијата конечно да добие еден центар за управување под целосна надлежност на Град Скопје. Без лавиринти меѓу институции, туку ефикасна, брза и транспарентна администрација за сите што живеат и работат таму“,
вели Шукова.
Најави и поддршка во културата, односно реновирање на Сули ан, поддршка за студентите по ликовна уметност, отворање уметнички ателјеа и културни програми.
Како што рече, ќе се развива и дигитална платформа за туристи, јазични обележја, подобрена пешачка инфраструктура и европски културни рути.
„Чаршијата мора да привлекува туристи, да живее и да расте. Ова е визија што ја враќа Чаршијата како живо срце на Скопје. Ние се бориме за нашиот дом“,
рече кандидатката за градоначалничка на Скопје.