Тој, исто така, побара надлежните да го откријат вистинскиот осомничен за инцидентот, а случајот да не го претставуваат како семеен спор бидејќи ако било така како што беше претставен, Шаини вели дека никогаш не би живеел со својата сопруга со која има две деца
Три дена откако го погодија со четири куршуми, докторот на скопската Клиника за пулмологија и носител на советничката листа на ДУИ во Општина Липково, Зекирија Шаини, денеска пред новинарите им се заблагодари на сите што биле со него во овие моменти. Ги отфрли тврдењата дека зад обидот за убиство стои неговата жена.

„Изјавувам пред јавноста дека немам никакво сознание за мотивите на овој атентат, немам нерасчистени сметки со никого, не сум нарушил ничиј живот, приватност или нешто друго. Целосно ги отфрлам како неосновани и невистинити тврдењата дека зад ова дело стои мојата сопруга Арјета Адили. Затоа итно барам од истражните органи да ја разјаснат ситуацијата со мојата сопруга која е вмешана во овој случај од нивна страна, почитувајќи ја нашата семејна приватност, а особено имиџот на госпоѓата Аријета Адили. Овој случај, за жал, се претставува со јасна намера за моја дискредитација и на моето семејство, како и создавање збунетост и заблуда во јавноста”,
изјави Шаини.
Тој, исто така, побара истражните органи да го откријат вистинскиот осомничен за инцидентот, а случајот да не го претставуваат како семеен спор бидејќи ако би било така како што беше претставен, Шаини вели дека никогаш не би живеел со својата сопруга со која има две деца.
„Овој случај, за жал, се претставува со јасни намери да ме дискредитира мене и моето семејство и да создаде конфузија во јавноста. Ги молам органите за спроведување на законот и истражните органи да се справат со откривањето на вистинскиот осомничен во случајот и да не го претставуваат овој случај како спор или семеен спор бидејќи ако беше така како што беше претставен на пошироката јавност, тогаш никогаш немаше да живеам со дотичната дама. Фала му на Бога, госпоѓата и моите две ќерки се живи и здрави во мојот дом во село Слупчане“,
рече Шахини.
До политичарите апелираше да не го злоупотребуваат случајот за политички поени во време на предизборна кампања.
„Уште еднаш ги молам органите на прогонот да се справат со откривањето на вистинскиот сторител на овој атентат и им ја ставам мојата соработка на располагање секогаш кога ќе се појави потреба за разјаснување на овој случај, бидејќи самиот сум лично заинтересиран ова прашање што поскоро да добие епилог и вистината да излезе на виделина. Исто така, апелирам до политичарите кои брзаат да го претстават овој случај пред надлежните органи како семеен спор, не само мојот случај, туку сите такви случаи, да не го гледаат во светлината на добивање политички поени во овој момент од предизборната кампања по повод локалните избори“,
додаде Шахини.
Докторот на скопската Клиника за пулмологија и носител на советничката листа на ДУИ во општина Липково, Зекирија Шаини, пред три дена беше ранет додека се движел со возило на центарот на Куманово. Тој со неколку прострелни рани во пределот на левата подлактица и десното колено првично беше пренесен во кумановската болница, а потоа и во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, а веќе во средата беше пуштен на домашно лекување.
Во врска со вооружениот инцидент од МВР во средата соопштија дека е приведена сопругата на Шаини.
Од Јавното обвинителство, пак, денеска информираа дека во врска со инцидентот се поднесени кривични пријави против едно лице за загрозување на сигурноста, како и против поранешната сопруга на оштетениот за поттикнување при извршување на тоа дело. Пријавите се однесуваат на претходно испратени заканувачки пораки и закани, додека индициите за евентуална инволвираност на овие осомничени, но и на други лица во инцидентот со пукањето сè уште се проверуваат.