Во патничко возило марка „шкода“ со скопски регистарски таблички полицијата затекнала седуммина мигранти, од кои шест се од Египет, а од нив пет се малолетници и едно лице е од Ирак
Уапсени се двајца шверцери на автопатот Демир Капија – Неготино, на местото викано Острово, откако се фатени дека во автомобил превезуваат седуммина мигранти, информира Министерството за внатрешни работи (МВР).

„Полициски службеници од Полициската станица за граничен надзор ‘Михајлово‘ вчера ги лишија од слобода Б.М. (25) и В.Ч. (27), двајцата од Неготино, откако претходниот ден по извршена полициска контрола во патничко возило марка ‘шкода‘ со скопски регистарски таблички биле затекнати седуммина мигранти, од кои шест се од Египет, а од нив пет се малолетници и едно лице од Ирак“,
се вели во полицискиот извештај.
Според полицијата, В.Ч. со патничко возило марка „опел астра“ со неготински таблички бил претходница и го известувал Б.М. за локациите каде што се поставени полициски патроли на патот.
За случајот е известен јавен обвинител, а лицата се задржани во полициска станица.
По целосно документирање на случајот, против нив ќе биде поднесена соодветна пријава.