Таа во вечерашното гостување во ТВ 21 наведе дека во рок од четири до пет години, Скопје може да добие две главни БРТ линии, со што ќе се интегрира целиот јавен транспорт и ќе се овозможи брз, чист и достапен превоз за сите граѓани
Говорејќи за Вардариште, таа рече дека овој простор треба да стане современа претоварна станица која ќе го поддржува целиот систем за управување со отпад во Скопскиот регион
Кандидатката на СДСМ за градоначалничка на Скопје, Каја Шукова вели дека доколку ја добие довербата од граѓаните, веднаш ќе започне со реализација на БРТ-системот за модерен автобуски транспорт кој, според неа, значително ќе го намали загадувањето и ќе го подобри јавниот превоз во главниот град.

„БРТ е најбрзото и најреално решение за јавниот транспорт во Скопје. За првата линија од Ѓорче Петров до Аеродром веќе имаме целосна проектна документација, објавен тендер и обезбедени 40 милиони евра од Европската банака за обнова и развој (ЕБОР). Ако веднаш се започне со имплементација, на почетокот на 2028 година граѓаните ќе ја користат првата линија“,
изјави Шукова за ТВ 21.
Таа посочи дека паралелно со изградбата на оваа линија, која треба да биде во должина од 13 километри, се предвидува изградба на 21 нова постојка, и набавка на околу 30 нови автобуси со фреквенција на движење на секои пет–шест минути, со можност за превоз на околу 65 000 патници дневно.
Ќе се работи и на втора линија
Покрај тоа, како што рече таа, ќе се работи и на втората линија север–југ, за која ЕБОР условно има обезбедено дополнителни 30 милиони евра, но за реализација е потребна нова студија со оцена на влијание врз животната средина, економски и социјален бенефит, и одржливост.
Шукова наведе дека во рок од четири до пет години, Скопје може да добие две главни БРТ линии, со што ќе се интегрира целиот јавен транспорт и ќе се овозможи брз, чист и достапен превоз за сите граѓани.
Во преставувањето на својата програма таа говореше и за просторот на дивата депонија Вардариште, за кој рече дека прво мора да се расчисти, да се огради и да се воведе 24-часовен надзор.
„Само така ќе спречиме нови пожари и загадување,“
рече таа.
Таа ја појасни институционалната одговорност за Вардариште, потенцирајќи дека оваа локација не е државна надлежност, туку е целосно во рацете на локалната самоуправа.
„Вардариште до 1996–1997 година беше депонија за градот Скопје. Откако беше изградена ‘Дрисла’, Вардариште стана претоварна станица. Овој простор е во надлежност на Градот Скопје и не е под одговорност на државата. Локалната власт мора да покаже сериозна одговорност и капацитет во управувањето со овој објект,“
кажа Шукова.
Вардариште да стане современа претоварна станица
Според неа Вардариште треба да стане современа претоварна станица која ќе го поддржува целиот систем за управување со отпад во Скопскиот регион.
„Вардариште треба да остане претоварна станица, но таа мора да биде уредена по европски стандарди. Тоа не значи само претовар од помал камион во поголем – туку значи поставување на системи за селекција, третман и користење на отпадот. Само така овој простор ќе биде дел од модерниот и одржлив систем за управување со отпад,“
рече Шукова.
Според стратешките документи на државата, како што кажа таа Вардариште е предвидено како регионална претоварна станица, а не како депонија. За тоа да се реализира, потребно е да се вложат значителни средства во инфраструктура, технологија и човечки капацитети.

Шукова, истакна дека решението за управувањето со отпад мора да се гледа низ регионален пристап, со целосно вклучување на сите општини од Скопскиот регион и искористување на достапните европски фондови.
„Скопскиот регион треба да се финансира преку ИПА средства – тоа се европски пари. За да се пристапи кон нивно користење, мора да се изработи нова физибилити студија која ќе покаже како ќе се собира и третира отпадот во целиот Скопски регион, а не само во градот Скопје,“
рече Шукова.
Потребен е стабилен систем за управување со отпад
Говорејќи на темата таа рече дека Скопје и државата мора да изградат сопствен, стабилен систем за управување со отпад, наместо да се потпираат на концесии кои досега не дадоа резултати.
„Имаше обиди за концесија на ‘Дрисла’, но тие не беа успешни, последната концесија беше раскината пред околу пет години. Приватните партнери работат по повисоки цени, што значи повисоки трошоци за граѓаните. Затоа велам – ние мора сами да го изградиме системот – со селекција, со реупотреба, со одговорност,“
рече кандидатката на СДСМ за градоначалник на Скопје.
Во моментов, како што наведе таа, граѓаните плаќаат надомест за отпад според квадратура, а не според количина, а во делови од земјата наплатата е едвај 45%, што е премалку за јавните претпријатија да функционираат одржливо. Затоа, како што истакна ,таа предлага долгорочно воведување на систем „плаќање според количина на отпад“.
Истовремено, додаде таа, се работи на нова физибилити студија за управување со отпадот во Скопскиот регион, финансирана од Европската Унија, која, според неа, ќе биде основа за нови европски инвестиции и треба да биде готова во рок од година до година и пол.
„Градот мора да инвестира и сопствени средства во овој процес. Управувањето со отпад е еден од трите најважни приоритети за Скопје и мора да го третираме како таков, со системски, а не ад-хок решенија“,
порача Шукова.