Според одбраната, мерката притвор може да се замени со куќен притвор со гаранција на куќата во која живее Васев и одземање на патната исправа. Целта, како што велат, е да му се овозможи да се брани соодветно и да можат да работат на дневна основа во двата предмети кои се водат против нивниот клиент

Укинување на притворот и определување некоја друга поефикасна мерка бара одбраната на поранешниот директор на Клиниката за онкологија, Нино Васев.
Според одбраната, мерката притвор може да се замени со куќен притвор со гаранција на куќата во која живее Васев и одземање на патната исправа. Целта, како што велат, е да му се овозможи да се брани соодветно и да можат да работат на дневна основа во двата предмети кои се водат против нивниот клиент.
Бранителот на Васев, адвокат Боби Спирковски, по денешното рочиште, во изјава за медиумите посочи дека нивните барања постојано се одбиваат и се определуваат нови 30 дена притвор, со што му се загрозува правото на ефикасна одбрана.
„Денеска поднесов предлог за укинување на мерката притвор. Имаме огромен проблем како одбрана, се работи за два предмети кои се фантастично обемни, има огромен број докази и ние не можеме едноставно да функционираме. Ова е специјализиран медицински предмет, а другиот економскиот е повторно врзан со неговото знаење и искуство како директор. Ние не можеме да функционираме нормално. Вака од притвор, вакви два предмети со ваква динамика, му се загрозува правото на одбрана на човекот“,
рече Спирковски.
Спирковски нагласи дека предметите се многу обемни и оти работат и по три часа во затвор. Предметите, додаде адвокатот, додека се работат, бараат присуство на Васев и затоа упати апел до судот да обезбеди услови за работа.
„За нас е клучно да му се овозможи на доктор Нино Васев да се брани како што доликува, да можеме да работиме како што доликува. Предметите се огромни и бараат негово присуство. Не можеме без него и да работиме. Вака не можеме да се браниме“,
изјави Спирковски.
Судот во мај годинава на Васев и на организацискиот директор на Клиниката, Нехат Нухи, им определи мерка куќен притвор, но по жалбите Апелација на 20 јуни годинава го укина и го замени со мерка ефективен притвор.
Судењето за „Онкологија 2“, кое се води против поранешните медицински и економски директор на Клиниката за радиотерапија и онкологија Скопје, Нино Васев и Нехад Нухи, за несовесно работење и финансиски криминал, денеска во Основниот кривичен суд продолжи со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството.
Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијката Славица Наумовска-Јосифовска, а застапник на обвинението е Ана Гоговска-Јакимовска.
Обвинетите Васев и Нухи на почетокот негираа вина за делата што им се ставаат на товар. Одбраната тврди дека обвинението против нив е неосновано и политички монтирано врз основа на економско вештачење од лица кои се исто така инкриминирани, наведувајќи дека станува збор за претходниот медицински и економски директор на Клиниката кои биле сменети од Васев.