За Струмица е извесно дека на овие избори ќе добие нов градоначалник. Кој ќе биде тој, ќе избират гласачите меѓу четворицата кандидати
Струмица е општина со речиси 50 илјади жители. Ако се имаат предвид македонските стандарди за урбано живеење, општинскиот центар остава впечаток на средено место.
Дури и во најголемиот дневен метеж, улиците не се преоптоварени со сообраќај. Јавната хигиена е на завидно ниво. Барем дента кога снимавме, не забележавме преполнети контејнери. А наидовме на по некое улично куче.

Но, струмичани имаат свои проблеми кои не се видливи на прва.
„Еве проблемот што го имавме со водоснабдувањето, со загаденоста на водата. Тоа остана малку мистерија – што точно се случи. Ете тоа да се расчисти ако може и да не се повторат такви работи. Остана една енигма. Каква вода пиеме? Тоа нѐ изненади“,
вели жител на Струмица.
Некои од граѓаните со кои поразговаравме се пожалија на уште една состојба.
„Градот, од еден прекрасен град, ни стана град на старци, на стари лица. Младите ни заминаа. Ете, и јас сум таков пример. Две деца. Двете се на страна“,
рече жителка на Струмица.
Оние што се останати, пак, сакаат повеќе содржини.
„Поготово за нас пензионерите, нема каде да одиш, ако не е корзото и улицата да шетаме и паркот, има добар парк, ние дома ќе скиснеме. Не само ние пензионерите, и младите нема каде да одат. Нема, на пример, спортски натпревари, екскурзии, пензионерски домови“,
смета повозрасен жител на Струмица.
Други велат дека поминале многу време во исчекување подобар живот, но изгубиле надеж поради лошата економска состојба.
„Не може. Со тие луѓе не вреди. Нема ништо. 35 години се истите луѓе. Сѐ истите, двете партии. Што треба? Да им се клања народот за да му дадат за да купи една чаша семки“,
рече жител на Струмица.
Делови од Струмица имаат инфраструктурни недостатоци. „Младинска“ е улица, кога е суво. Но, кога врне…
Жителка на улица „Младинска“: „Тогаш изгледа како река. Ама во тој, долниот дел од градот. Не во овој. И тука, на раскрсницата.“
„360 степени“: А зошто се поплавува?
Жителка на улица „Младинска“: „Зашто не е добра канализацијата. Одводот за атмосферската вода.“
„360 степени“: Досега имало ли обиди за некакво решение?
Жителка на улица „Младинска“: „Имаше обиди сегашниот градоначалник. Правеше таму некои реконструкции. Но не е доволно.“
„Мислиме дека може, ако сакаат. Ако не сакаат ќе си тече. На секои избори кога ќе дојдат ќе биде топ 1. Обично кога почнуваат да ветуваат ќе биде топ 1. Ако не ја санираат“,
вели друга жителка на улица „Младинска“.

Гласовите од Турското маало се важна варијабла на сите избори во Струмица, иако неговите жителите не сакаат посети од заинтересираните само пред избори.
„Дојди кај мене да видиш. Ни шпорет имам, ни дрва имам. Потоа кога ќе дојдат избори – ајде за кого ќе гласаш? Така не треба. Треба навреме да нè гледаат и нас“,
вели жителка на Турско Маало.

Во вакво расположение градот на југоистокот од земјава во кој социјалдемократите ја имаат локалната власт цели две децении, ги дочекува престојните избори. Според содржината на билбордите, кампањата и овде е во полн ек.
На првиот круг од локалните избори закажан за 19 октомври струмичани ќе можат да бираат меѓу четворица кандидати. Петар Јанков, како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ. Марјан Даскаловски е кандидат на СДСМ. Единствена Македонија го номинира Ристо Цасконоје, а има и еден независен кандидат – Драган Котуровиќ.
Кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Петар Јанков, кој доаѓа од приватниот сектор, смета дека на Струмица ѝ се потребни вистински луѓе на вистински места. Вели дека меѓу неговите приоритети ќе бидат младите со изградба на училишта, спортски сали и игралишта, ревитализација на патната и комуналната инфраструктура, како и квалитетна вода за пиење.
„Ќе извршиме акредитација на лабораторијата на струмичкиот водовод. Да ја вратиме довербата на граѓаните во питкоста на водата. Како што знаете, минатата година повеќе од 40 дена немавме питка вода за достава до домаќинства. Се случија одредени проблеми. Затоа, наша цел е со самото доаѓање да ја обновиме лабораторијата, да ја модернизираме, да набавиме нови озонатори кои моментално се повеќе десеттици години стари. Значи набавка на нови озонатори, деструктор за прифаќање на неврзаниот озон, модернизација на лабораторијата и, нормално, акредитација на истата. Акредитацијата ќе биде извршена по одредени правила и норми. Со добивањето на таа акредитација граѓаните ќе ја вратат довербата во водата што ја користат“,
изјави Петар Јанков – кандидат за градоначалник на Општина Струмица од ВМРО-ДПМНЕ.

Марјан Даскаловски, кандидатот на СДСМ, е поранешен спортист, четврти мендат е претседател на општинскиот совет, а еден мандат беше и пратеник. Чист воздух, зајакнување на комуналното претпријатие и економско закрепнување на општината се меѓу неговите приоритети.
„Ние треба да ги мотивираме нашите приватни компании да вложуваат повеќе во Општина Струмица, да отвораат нови погоди, да отвораат нови работни места. Така ќе ги задржиме и младите да не ни одат во странство. Исто така треба да привлечеме и странски инвестиции. Како ќе ги привлечеме ако немаме добра инфраструктура. Иако гледате дека во Струмица имаме убави улици и булевари, имаме бизнис центри, меѓутоа треба уште повеќе да поработиме на тоа поле за Струмица да стане привлечна за нашите повратници од странство и воопшто за странските компании“,
изјави Марјан Даскаловски – кандидат за градоначалник на Општина Струмица од СДСМ.

Единствена Македонија го номинираше Ристо Цасконоје. Тој се кандидирал зашто смета дека политичкиот и економскиот систем во Струмица е доведен до пропаст. Изградба на дом за студенти и ученици, изградба на булевар, како и изградба на училиште со настава на турски јазик во Турското маало се негови приоритети.
„Основното училиште кај секој граѓанин е основно и бесплатно. Овие луѓе и ВМРО и СДС ги лажат од 1990 година наваму. Ќе ви направиме училиште, ќе ви направиме. Не може да се гради држава без училиште. Посебно на свој јазик. Бидејќи таму турското малцинство е навистина загрозено од самиот стандард на живеење затоа што нивните деца, по некое резонирање на нивните родители, а и самата држава како виновник, не ги праќаат да учат децата во основно училиште. Ова училиште е навистина потребно за да се изгради кај децата еден воспитнообразован дух, да посакуваат да одат и во средно училиште“,
изјави Ристо Цасконоје – кандидат за градоначалник на Општина Струмица од Единствена Македонија.

Единствен независен кандидат е Драган Котуровиќ. Вели дека негов мотив за кандидатура е да го запре криминалот и крадењето. Нема официјална предизборна програма, а ако стане градоначалник прво ќе се зафати со ревизија на досегашното работење во општината.
„Јас, кога би влегол во собранието на Општина Струмица, прво да видиме што се случува таму. Колку пари се украдени, како се украдени, што се работело, како се работело и да видиме дали имаме средства поправки да направиме во градот за тие работи. Дали оставиле барем некој денар во собранието на Струмица. Мојата програма е да се прекинат некои работи и да почнеме да градиме европска Струмица, да направиме град како што си личи. Имаме многу работи што треба да се дополнат, што се испуштени од СДС колку што е на власт или ВМРО итн., не ме интересира кои биле. Не сакам да слушнам за партија. Не ме интерсира партија. Ме интересираат чесни луѓе“,
изјави Драган Котуровиќ – независен кандидат за градоначалник на Општина Струмица.

Со оглед дека некои жители на Струмица имаат големи очекувања од овие локални избори, а други како да се рамнодушни, ги прашавме кандидатите што би им порачале.
„Го гледаме расположението на нашите сограѓани, како сме прифатени меѓу граѓаните. Гледаме дека има позитивно расположение и убедени сме во нашата победа“,
порача Петар Јанков – кандидат за градоначалник на Општина Струмица од ВМРО-ДПМНЕ .
„Би им кажал на граѓаните дека имам визија како Струмица да се развива во наредниот четиригодишен период“,
порача Марјан Даскаловски – кандидат за градоначалник на Општина Струмица од СДСМ.
„На граѓаните ќе им порачам дека навистина треба да излезат сите и да размислат за кој кандидат. Затоа треба да се постави прашање – кој кандидат што сторил“,
порача Ристо Цасконоје – кандидат за градоначалник на Општина Струмица од Единствена Македонија.
„Јас нема да крадам. Јас гарантирам дека не крадам. Ако постои институција да потпишам дека со мојата плата ќе си живеам, од моите приходи што ми следуваат како градоначалник“,
порача Драган Котуровиќ – независен кандидат за градоначалник на Општина Струмица.
Ветувањата се големи, па на идниот градоначалник на Струмица му останува вредно да работи за да не останат само празни зборови.