Доктор Шаини, според соопштението од МВР, вчера беше повреден во оружен инцидент што се случи во 13:54 часот на крстосница на улиците „Димитрије Туцовиќ“ и „11 Октомври“ во центарот на Куманово, кога две лица во движење, од огнено оружје пукале во патничкото возило „фолксваген голф “, кое тој го управувал

Доктор Зекирија Шаини, кој вчера беше ранет при оружен инцидент во центарот на Куманово, денеска е пуштен на домашно лекување од Универзитетската клиника за пластична и реконструктивна хирургија во Скопје.
Директорката на Клиниката, Јасмина Ѓоргиевска-Павловска, во изјава за МИА потврдила дека пациентот се чувствувал добро.
„Пациентот е во добра општа состојба. По санирање на раните е пуштен на домашно лекување“,
изјави Ѓоргиевска-Павловска.
Министерството за здравство вчера попладне преку соопштение реагираше дека со вознемиреност ја примиле веста за оружениот напад во Куманово при што повреден бил нивен колега, доктор Шаини.
„Ја известуваме јавноста дека повредите не се животозагрозувачки и дека докторот е во стабилна состојба и се опоравува. Ќе биде обезбедена целосна поддршка за докторот додека трае неговото опоравување и рехабилитација. Министерството категорично осудува какво било насилство против здравствените работници и потврдува дека нивната безбедност е приоритет. Ќе работиме на унапредување на мерките за заштита на персоналот во здравството, преку соработка со здравствените установи и локалните власти“,
потенцираа вчера од Министерството за здравство.
Доктор Шаини, според соопштението од МВР, вчера беше повреден во оружен инцидент што се случи во 13:54 часот на крстосницата на улиците „Димитрије Туцовиќ“ и „11 Октомври“ во центарот на Куманово, кога две лица во движење, од огнено оружје пукале во патничкото возило „фолксваген голф “, кое тој го управувал. Тој прво беше пренесен во Кумановската општа болница на медицински иследувања, по што беше префлен на скопските клиники.