„Шуто Оризари е дел од нашата визија за современо и функционално Скопје, каде секоја општина добива шанса да го развие својот потенцијал“, вели кандидатот за градоначалник

Изградба на низа инфраструктурни и социјални проекти најави денеска Орце Ѓорѓиевски, кандидат за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, кој беше во посета на Општина Шуто Оризари.
Според него, овие проекти се дел од визијата за рамномерен развој на Скопје, каде секоја општина треба да го развие својот потенцијал.
Еден од проектите што го најави Ѓорѓиевски е изградба на нов фудбалски стадион со трибини, соблекувални, осветлување и придружна инфраструктура, кој ќе се користи за спортски активности на младите, како и за локални и регионални натпревари.
Тој најави и целосна реконструкција на спортскиот центар „Шуто Оризари“, со нови терени, зелени површини и урбана опрема, со цел да се врати неговата улога како центар за спорт и рекреација.
Ѓорѓиевски најави и изградба на нов културен дом „Есма Реџепова“ на местото на старото матично.
„Домот е планиран како простор за театар, концерти, изложби, кинопроекции и младински активности“,
рече тој.
Ѓорѓиевски истакна дека ова е инвестиција во културата како темел на локалниот идентитет и почит кон големата Есма Реџепова.
Социјална програма „Скопје – град кој се грижи за сите“, која вклучува системска поддршка за граѓаните во социјален ризик преку финансиска помош, хуманитарни пакети и програми за преквалификација. Дополнително, најавено е и формирање на прифатни центри со 24-часовна грижа за бездомници.
„Шуто Оризари е дел од нашата визија за современо и функционално Скопје, каде секоја општина добива шанса да го развие својот потенцијал“,
изјави Ѓорѓиевски.