Според него, ова бегање од јавна дебата е порака сама по себе, но и показател за односот што неговиот противкандидат го има кон јавноста и отсуството на јасна визија за Чаир
Кандидатот за градоначалник на општина Чаир од „Националната алијанса за интеграција“, предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ), Бујар Османи, попладнево се вклучи во живо на Фејсбук пред зградата на Македонската радио-телевизија (МРТВ), каде што требаше да се одржи јавна дебата меѓу него и неговиот противкандидат Изет Меџити од коалицијата ВЛЕН.
Османи рече дека и покрај уредната покана од МРТВ и најавата за негово присуство, сепак Меџити не се појавил на закажаната дебата и таа е откажана.

„Денеска во 12 часот требаше да се одржи дебата меѓу мене и мојот противкандидат за градоначалник на Општина Чаир. Бевме поканети сосема уредно од страна на МРТВ со писмена порака дека ако еден од кандидатите не дојде, столчето ќе остане празно. Дојдов денеска, ги откажав состаноците со граѓаните, подготвен за дебата. Но, таа е одложена бидејќи мојот противкандидат Меџити одби да дебатира, односно не дојде на најавената дебата“,
рече тој.
Според него, ова бегање од јавна дебата е порака сама по себе, но и показател за односот што неговиот противкандидат го има кон јавноста и отсуството на јасна визија за Чаир.
„Жал ми е што Македонската телевизија не го испочитува договорот и не остави празно столче за да видат граѓаните дека всушност празно било тоа столче и во изминатите 20 години. Затоа Чаир е во таква состојба, поради што немало визија за просперитет и развој на оваа општина“,
кажа кандидатот на НАИ за Чаир.
Посочи дека и понатаму ќе продолжи да се среќава со граѓаните на Чаир, преку средби и разговори во секое маало, со јасна визија и програмата за промените што, според него, доаѓа на 19 октомври.
„Тоа е промена што не бега од соочување, што има храброст да зборува за минатото, сегашноста и иднината, а не како оние што се обидуваат да се кријат зад камерите“,
рече Османи.