Адеми се осврна и на вчерашната информација на МВР во врска со настанот, а во која, вели тој, се наведува дека „две лица во движење пукале со огнено оружје кон едно возило“. Првичните факти, сведоштва и снимките од безбедносните камери, според потпретседателот на ДУИ, јасно укажуваат дека директниот напад го извршило вооружено и маскирано лице, кое, како што наведе тој, деjствувало со јасна намера да го загрози животот на нивниот кандидат
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска ги повика Министерството за внатрешни работи (МВР) и Јавното обвинителство итно и транспарентно да го расчистат вчерашниот вооружен напад во Куманово во кој беше ранет носителот на советничката листа во Општина Липково од оваа партија, д-р Зеќирија Шахини. Во спротивно, како што наведе потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, на денешната прес-конференција, секое одолговлекување и толерирање на насилството ќе има сериозни последици по јавната безбедност, изборниот процес и угледот на државните институции.

Адеми на почетокот на своето обраќање повторно изрази загриженост за, како што кажа, вооружениот напад врз нивниот кандидат и носител на советничка листа, кој за среќа, е надвор од животна опасност.
„Но, самиот факт што среде изборна кампања се случува ваков атентат претставува сериозен аларм за демократијата, јавниот ред и безбедноста во државата“,
рече тој.
Според потпретседателот на ДУИ, во случајот не станува збор за обичен инцидент, туку, за, како што наведе, тежок, намерен и морбиден чин, чија цел е да создаде несигурност, страв и тензии.
Поради тоа, додаде тој, ДУИ остро го осудува овој, како што го нарече, варварски и криминален акт и бара итна, сериозна и транспарентна реакција од надлежните институции, особено од Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителството на Република Северна Македонија.
„Прикривањето на вистината, одвлекувањето на вниманието или релативизирањето на настанот се неприфатливи и опасни“,
додаде тој.
Адеми се осврна и на вчерашната информација на МВР во врска со настанот, а во која, вели тој, се наведува дека „две лица во движење пукале со огнено оружје кон едно возило“.
Првичните факти, сведоштва и снимките од безбедносните камери, според потпретседателот на ДУИ, јасно укажуваат дека директниот напад го извршило вооружено и маскирано лице, кое, како што наведе тој, дејствувало со јасна намера да го загрози животот на нивниот кандидат.
Затоа, рече Адеми, ова не е обичен случај, туку настан кој наведува на силни индиции дека станува збор за обид за атентат и дека мора да се третира како таков.
Говорејќи во таа насока, тој упати три барања до надлежните институции.
• Да се преземе итна акција, без одложувања и без политички калкулации;
• Да се идентификува и уапси сторителот, како и сите лица вмешани во организирањето на овој напад;
• Јавноста да биде навремено и транспарентно информирана, бидејќи безбедноста на граѓаните е државно, а не партиско прашање.
„Овој случај не смее и не може да остане без епилог, а истиот мора да се заснова на факти. Секое молчење или институционално одолговлекување би претставувало сериозна неодговорност и директен ризик за безбедноста во државата“,
рече Адеми.

Тој додаде дека ако политички кандидат може да биде нападнат со огнено оружје среде изборна кампања, среде град, тогаш ниту еден граѓанин не може да се чувствува безбеден.
„Предупредуваме дека толерирањето на насилството ќе има сериозни последици по јавната безбедност, изборниот процес и угледот на државните институции. Затоа, упатуваме повик до Владата, МВР и Јавното обвинителство веднаш и сериозно да постапат како гаранти на редот и законот. Ќе останеме решителни на патот на законитоста, зрелоста и политичкото достоинство“,
рече Адеми.
Осудувајќи го инцидентот, вчера Социјалдемократскиот сојуз на Македонија побара оставка од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поради, како што рекоа од партијата, колапсот на безбедносниот систем и фактот што на улиците се пука како земјата да е Див Запад.
Тошковски, преку објава на својот фејсбук-профил, рече дека нема да поднесе оставка и ќе продолжи со решавање на проблемите и расчистување на, како што рече, нередот што го оставиле од СДСМ.
Од Јавното обвинителство на РС Македонија вчера соопштија дека двајца обвинители вршеле увид на местото на пукањето во центарот на Куманово и дека првичните сознанија не упатуваат на политички мотиви за инцидентот.