Тужбата датира од 1 октомври и е изготвена од група која се нарекува како „Адвокати и застапници за Палестина“. Потпишана е од околу педесет луѓе, вклучувајќи професори по право, адвокати и неколку јавни личности
Италијанската премиерка Џорџа Мелони и уште двајца нејзини министри се тужени пред Меѓународниот кривичен суд (МКС) за наводно соучество во геноцид поради поддршката на Рим за Израел.

Во интервју за државната телевизија РАИ, Мелони рече дека тужба е поднесена против неа и против министрите за одбрана Гвидо Кросето и за надворешни работи Антонио Тајани, како и против Роберто Чинголани, шефот на одбранбената група „Леонардо“.
„Не верувам дека има друг ваков случај во светот или во историјата“,
рече Мелони.
Сепак, не соопшти повеќе детали кој го покренал случајот против неа и нејзините министри.
Тужбата датира од 1 октомври и е изготвена од група која се нарекува како „Адвокати и застапници за Палестина“. Потпишана е од околу педесет луѓе, вклучувајќи професори по право, адвокати и неколку јавни личности.
„Со својата поддршка на израелската влада, особено преку снабдување со смртоносно оружје, италијанската влада стана соучесник во тековниот геноцид и тешките воени злосторства и злосторства против човештвото извршени против палестинското население“,
наведоа авторите на тужбата.
Тие бараат од Судот да разгледа покренување формална истрага за нивната жалба.
Десничарската влада на Мелони, генерално цврст поддржувач на Израел, неодамна се дистанцира од офанзивата што ја прави Израел во Газа, но не прекина никакви комерцијални или дипломатски врски со земјата, ниту, пак, ја призна државата Палестина.
Мелони рече дека е зачудена од обвинувањето за соучество во геноцид бидејќи секој што ја познава ситуацијата е свесен дека Италија не одобрила нови испораки на оружје за Израел.
Во Меѓународниот суд на правдата, Јужна Африка има тужба против Израел, обвинувајќи го за кршење на Конвенцијата на ОН за геноцид од 1948 година.
Според извештајот на комисијата на ОН, Израел извршил геноцид, кој израелското Министерство за надворешни работи го нарече дека е искривен и лажен.