Со конгресниот центар, според кандидатката за градоначалничка од редовите на СДСМ, Скопје би станал домаќин на големи меѓународни конференции, научни и професионални собири и културни настани, отворајќи го главниот град кон светот и ставајќи го на мапата на конгресни дестинации. Со проектот за нов скопски саем, пак, како што рече, Гази Баба ќе добие нова стратегиска позиција како регионален центар за бизнис, иновации и туризам
Изградба на конгресен центар и нов скопски саем во скопска Гази Баба се дел од проектите што денеска ги најави кандидатката за градоначалничка на Скопје од редовите на СДСМ, Каја Шукова.

Со конгресниот центар, според Шукова, Скопје би станал домаќин на големи меѓународни конференции, научни и професионални собири и културни настани, отворајќи го главниот град кон светот и ставајќи го на мапата на конгресни дестинации. Со проектот за нов скопски саем, пак, како што рече, Општина Гази Баба ќе добие нова стратегиска позиција како регионален центар за бизнис, иновации и туризам.
„Саемот ќе има модуларни хали, конференциски сали, културни комерцијални содржини, простор за мали и средни претпријатија, за домашна индустрија и за креативни сектори. Овој проект отвора нови пазари, ги поврзува локалните производители со странски партнери и создава услови младите да останат и да работат во Скопје“,
изјави Шукова.
Кандидатката за градоначалничка на Скопје од редовите на СДСМ дополнително најави изградба на три катни гаражи во населбата Автокоманда, во рамки на Гази Баба. Две од нив, како што рече, ќе бидат наменети за жителите, а третата ќе биде за вработените во околните компании.
Покрај Шукова, на прес-конференцијата се обрати и кандидатот за градоначалник на СДСМ за Гази Баба, Влатко Митовски, кој најави неколку проекти на локално ниво. Меѓу нив се изградба на современа претоварна станица за шут и кабаст отпад, изградба на нов мост за поврзување на Гази Баба и Аеродром, како и сообраќајно решение за директно автопатско поврзување на Хиподром и Инџиково.
„Гази Баба ќе добие и нова општинска зграда, со што ќе обезбедиме подобри и побрзи услуги за граѓаните на општината. Ќе го реконструираме културниот дом во Нова Колонија, а ќе изградиме нови градинки во Сингелиќ и Хиподром 2. Ќе го реализираме кружниот тек на улицата ‘Благоја Стефковски’ со улицата Маџари, а ќе ја прошириме и комплетно реконструираме улицата ‘Перо Наков’,
истакна Митовски.