„Секој збор им е Христијан, Христијан… Секој митинг само тоа ги слушам. Како не им е мака не ми е јасно. Мене ми здосади, а не пак, на другите“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ
Да не сум јас и моето име, ДУИ ќе немаше што да зборува во кампањата – изјави премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, од вечерашниот митинг во Кичево. Рече дека ДУИ на секој митинг го споменува неговото име во недостиг на корисни и продуктивни обраќања пред граѓаните.

„Немаат што да зборуваат во кампањата, да ви кажат што направиле за вие за да живеете подобро, да ви објаснат како е можно Артан и сите блиски до Али Ахмети да се богаташи, а вие да се борите месец за месец и вашите да се иселуваат за подобар живот. Немаат одговори. Затоа секој збор им е Христијан, Христијан… Секој митинг само тоа ги слушам. Како не им е мака не ми е јасно. Мене ми здосади, а не пак, на другите“,
изјави Мицкоски.
Во обраќањето пред кичевчани тој истакна дека ова здосадување не значи дека не е мотивиран, напротив, како што рече, е помотивиран од кога било за да ги порази оние кои прават поделби и кои наместо да зборуваат за иднината говорат за работи од пред пет-шест децении.
„Поделбите одат во прилог само на оние што не и сакаат добро на земјата, на граѓаните и на тие што ја злоупотребуваат нивната доверба. Оваа порака е директно до Албанците – излезете и погледнете ја празната куќа до вас, погледнете ја другата празна куќа до вас. Дали ќе ви се вратат внуците и децата? Национализмот нема да ги врати туку планот, визијата и стратегијата за иднината“,
изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Што ќе му е Зајас на Али ако тоа е празно – рече Мицкоски, обвинувајќи го лидерот на ДУИ оти ги изпразнил родните места на Албанците во државата. Ги повика кичевчани сложно да одговорат на, како што рече, нечесноста на Демократската унија за интеграција.