„Ќе набавиме пет електрични автобуси и пет електрични минибуси со кои, покрај проширувањето на мрежата на градскиот превоз, ќе можеме да покриеме и превоз до планинските села“, рече денеска тетовскиот градоначалник, кој се бори за нов мандата како кандидат на коалицијата ВЛЕН
На прес-конференција пристигна со редовна линија на градскиот автобуски превоз и најави дека ако биде избран за втор мандат уште повеќе ќе работи на модернизација на овој сектор за жителите на Тетово.

Ова беше дел од денешниот предизборен настап на актуелниот градоначалник на Тетово, Билал Касами, кој како кандидат на коалицијата ВЛЕН, се бори за втор градоначалнички мандат во оваа општина.
Покрај модернизирање на јавниот автобуски превоз во градот и проширување на услугите за превоз до планинските села, Касами најави и изградба на нова модерна автобуска станица, која, како што рече, ќе биде функционална, безбедна и интегрирана со мрежата на јавниот превоз.
За ова, како што кажа, тој и неговиот тим имаат визија и јасен план за работа, кој е заснован на длабински анализи, вградени во програмата „Еден глас за Тетово“.
Образложувајќи ги ваквите проекти, тој рече дека урбаниот транспорт во Тетово на почетокот на неговиот мандат бил нефункционален, но додаде оти успеал да ги придвижи работите во вистинска насока.
Доколку повторно ја добие довербата на жителите на општина Тетово, Касами рече дека уште повеќе ќе работи на модернизација на јавниот превоз, како што му доликува на универзитетски, културен и економски град како Тетово.
Касами најави и набавка и на нови, електрични автобуси.
„Ќе набавиме пет електрични автобуси и пет електрични минибуси, со кои, покрај проширувањето на мрежата на градскиот превоз, ќе можеме да покриеме и превоз до планинските села. Со нив го намалуваме загадувањето и придонесуваме за поквалитетна животна средина во Тетово и за развој на туризмот во планинските села“,
рече Касами, пренесе МИА.

Говорејќи за јавниот превоз, тој наведе и други проекти кои го поврзуваат овој сегмент со мерки за подобрување на квалитетот на воздухот и животната средина.
Во таа насока, Касами рече дека предвидуваат еколошки зелени постојки, кои, како што кажа, ќе бидат лоцирани на клучните и најпрометните точки во градот.
„Во согласност со планот за мобилност, правиме и посебна линија за јавен превоз и велосипеди. Линијата ќе започне од постојката кај Универзитетот на Југоисточна Европа, преку булеварот ‘Илинден’ до центарот, и од центарот продолжува кон булеварот ‘Илирија’, до раскрсницата со булеварот ‘Благоја Тоска’. Ќе продолжува покрај булевар ‘Благоја Тоска’ сè до последниот кружен тек кај Градскиот стадион. Сите овие инвестиции и модернизација на јавниот превоз ги правиме без да ги оптовариме граѓаните. Напротив, го правиме јавниот превоз целосно бесплатен за сите граѓани“,
рече Касами.
Како што рече тој, „со второто поглавје на развојот“ што го планираат, Тетово ќе продолжи напред и „нема да се врати во времето на хаосот и неодговорност“.