Цитирајќи делови од објавата на Заев на Фејсбук, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во својата, условно кажано, анализа, рече дека од неа можат да се забележат две работи – дека во СДСМ владее паника и страв и дека целта на ваквиот потег е да се заштитат, како што кажа Николоски, одредени елити во рамките на самата партија
Денешното појавување на поранешниот претседател на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) и експремиер, Зоран Заев, во јавност (преку објава на социјалните мрежи) е само доказ дека тој е лидерот во сенка на СДСМ, кој ги влече конците во оваа партија.
Ова денеска го изјави потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и вицепремиер и министер за транспорт, Александар Николоски, на прес-конференцијата, која, како што кажа тој на самиот почеток, е реакција на појавата во јавност на поранешниот претседател на СДСМ и поранешен премиер на државата, кој формално, уште од почетокот на 2022 година, не е во политиката.

За потсетување, експремиерот и поранешен лидер на СДСМ, Заев, преку објава на социјалните мрежи денеска остро и категорично ги негираше тврдењата на актуелниот премиер Христијан Мицкоски за наводните „куферчиња пари од поранешен премиер на Бугарија“, оценувајќи ги како лаги и клевети.
Николоски, пак, во своето обраќање наведе дека од потегот на Заев станува јасно дека тој ги влече конците во СДСМ, како во времето кога на чело на социјалдемократите беше Димитар Ковачевски, така и сега кога партијата ја води Венко Филипче.
Според потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, постои целосна координација меѓу Заев и актуелното раководство на СДСМ, а тоа, како што рече, го покажува истиот вординг што го користат и тој и Филипче.
„Тоа укажува на тоа дека на дневна основа се координираат со него (Зоран Заев) и толку се блиски, што дури и исто се изразуваат. Или, можеби, исти човек од заедничкиот тим им ги пишува и говорите и статусите и на едниот и на другиот“,
рече Николоски.
Цитирајќи делови од објавата на Заев на Фејсбук“, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во својата, условно кажано, анализа, рече дека од неа можат да се забележат две работи – дека во СДСМ владее паника и страв и дека целта на ваквиот потег е да се заштитат, како што кажа Николоски, одредени елити во рамките на самата партија.
„Прво, со тоа што кажа и што го кажува „дека ќе мора да внимаваме (Мицкоски) да не ни ја повлече државата со себе во провалијата“, јасно е дека е израз на паника и на страв.
Втората работа, многу е јасно дека СДСМ, ваков СДСМ има само една цел, а тоа е да заштити одредени елити во рамки на самата политичка партија и ништо повеќе од тоа“,
кажа Николоски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ сето тоа го поврза со реформите во судството и обвинителството, за кои, како што кажа, отпорот во СДСМ е голем, бидејќи правосудството, рече, е последниот бастион и последната одбрана на неколку елити во СДСМ.
„И овој СДСМ му служи само на Зоран Заев, ѝ служи на ДУИ и на Али Ахмети, коишто гледаат своја повторна можност, повторна шанса во политиката. Човекот којшто ги нанесе најголемите национални порази на Македонија, најголемите национални предавства и во чиешто време криминалот цветаше и корупцијата царуваше, во чиешто време се случија најголемите корупциски афери, наеднаш се појавува во кампањата за да му покаже и на Венко Филипче и на цел СДСМ кој во суштина ја води партијата“,
рече Николоски.
Дека сега опозициската партија има концесии, особено кон источниот сосед, според Николоски многу јасно говори и предлог-резолуцијата што лидерот на СДСМ, Филипче, неодамна ја понуди во македонското Собрание.
Според Николоски, резолуцијата очигледно ја пишувал Заев, а ја поднел Филипче.
Затоа, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, претстојните локални избори е потребна масовна реферндумска излезеност, за да се стави крај на, како што кажа, корумпираните елити чија единствена цел е да се заштитат себеси и своите блиски.
„Понудата на овие избори е: од една страна Зоран Заев, Али Ахмети и Венко Филипче, како помошник на Зоран Заев, а од друга страна се реформите, напредокот и она што го почнавме минатата година да го продолжиме со уште позасилено темпо, паралелно со силни реформи во судство и во обвинителство“,
кажа Николоски на прес-конференцијата.
Изминатиот викенд, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер на државата, Христијан Мицкоски, во дел од своите обраќања на митинзите на партијата, говорејќи за резолуцијата со „црвените линии“ на актуелниот претседател на СДСМ, Венко Филипче, рече дека се сеќава на времето кога „поранешниот премиер на нашиот источен сосед јавно зборуваше дека финансиски ја помогнал таа опција на СДС директно преку куферче пари кон неговиот гуру и ментор од Струмица“.
Воедно, лидерот на владејачката партија додаде оти е логично да се верува оти СДСМ повторно тропнале на истата врата, а дека подарокот што Бугарија може да го плати е „нов предлог за ново предавство на националните и државни интереси“.
Поранешниот претседател на СДСМ и експремиер, Зоран Заев, денеска во објава на социјалните мрежи, прва по подолго време, реагираше на ваквите наводи, оценувајќи ги како небулози, клевети и навреди, кои, како што напиша, се дел од методите на Мицкоски, со кои премиерот се обидува да го одвлече вниманието на јавноста од сопствените неуспеси.

Предлог-резолуцијата на СДСМ вчера беше тема и на прес-конференцијата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на која тој, исто така, ги изнесе тврдењата дека поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев, „своевремено земал куферче од Бојко“. Во таа насока, тој упати прашање до актуелниот претседател на опозициската партија „што зема сега Филипче за да ги продава националните интереси?“.
Тврдењата на Мицкоски и на ВМРО-ДПМНЕ денеска одговарајќи на новинарско прашање ги коментираше и актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека премиерот и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ изминатиот период се служат со спинови и лаги, па споменуваат куфери со пари, разни предавства и поделба на граѓани, во обид да ја сокријат неспособноста да испорачаат вистински резултати за народот.
„Немаат што да прикажат, немаат сериозен проект и се вадат и како алиби го кажуваат тоа дека за некои работи се потребни децении. Соочени се со тоа што ние го кажуваме, што сè сме направиле во нашиот мандат за само година или две“,
кажа Филипче.
Говорејќи за предлог-резолуцијата, тој рече дека исти такви т.н. црвени линии има и во програмата на ВМРО-ДПМНЕ „1198“, па народот да каже народот што е различно од тоа што тие го предлагаат.
Филипче не сакаше да ја коментира денешната изјава на поранешниот претседател на СДСМ и експремиер, Зоран Заев, и само кусо одговори дека тој реагирал затоа што бил повикан.