Меџити го назначил носителот на советничката листа на ВЛЕН во Општина Чаир, Мухамед Муртези, за носител и координатор на проектот за надгледување дали тој ќе се реализира ефикасно, транспарентно и во најбрз можен рок

Инсталирање модерни лифтови во постарите станбени згради со четири и пет ката во Чаир, најави денеска на прес-конференција кандидатот на ВЛЕН за градоначалник на оваа општина, Изет Меџити.
Како што посочи тој, првичната анализа говори дека постојат технички услови, и нагласи дека без никакви поголеми интервенции може да се изградат и инсталираат 81 лифт наменети за 81 влез во 31 зграда.
„Најавувам дека почнуваме капитален проект за изградба и инсталирање на модерни лифтови во сите постоечки станбени згради на територијата на Чаир кои немаат, а имаат потреба од лифт. Со децении жителите на постарите згради со четири и пет ката се соочуваат со огромен предизвик – недостиг на лифтови. За нашите повозрасни соседи, за лицата со потешкотии во движењето, за семејствата со мали деца, секојдневното качување по скали е огромна мака. Тоа време завршува. Ова не е празно ветување. Нашата посветеност е видлива на дело. Сакам да ве информирам дека нашите инженерски тимови веќе се на терен. Тие вршат детална техничка проценка на секоја зграда поединечно за да се утврдат најдобрите и најбезбедните решенија за инсталацијата. Подготовките за реализација се веќе во тек. Дополнително работиме на проценка на сите останати постари објекти за колективно домување“,
рече тој.
Меџити го назначил носителот на советничката листа на ВЛЕН во Општина Чаир, Мухамед Муртези, за носител и координатор на проектот за надгледување дали тој ќе се реализира ефикасно, транспарентно и во најбрз можен рок. Меџити потенцира дека Муртези ќе биде директно задолжен да ја надгледува секоја фаза од реализацијата, од првата лопата до пуштањето во употреба на последниот лифт.
Тој најави дека паралелно со ова ќе го реализира и проектот за изградба на енергетски ефикасни фасади во сите постари згради.
„Нашата цел е јасна – додека со фасадите обезбедуваме потопли домови и заштеда на енергија до 50 отсто, со лифтовите обезбедуваме лесен и достоинствен пристап до нив. Создаваме целосно решение за модерно и удобно живеење. Чаир заслужува да оди напред. Ние знаеме како тоа да го направиме“,
истакна Меџити.