Доаѓањето на Сали на вицепремиерската позиција, како што вели министерот за европски прашања и потпретседател на Алтернатива, нема да значи уште еден министер во Владата од ВЛЕН, туку раздвојување на функциите прв вицепремиер и министер за животна средина

Нема да има предвремени парламентарни избори следната година зашто нема никаква потреба за тоа, вели министерот за европски прашања и потпретседател на Алтернатива (дел од ВЛЕН), Орхан Муртезани, во интервју за „360 степени“ на МРТ 1. На прашање дали, сепак, има контекст којшто може да направи притисок и да ја принуди ВМРО-ДПМНЕ да се реши на таков потег, особено ако ДУИ биде победник на локалните избори, Муртезани одговара дека владејачкото мнозинство со 76 пратеници е стабилно.
„Ова намерно се лансира од страна на ДУИ, меѓутоа овој дискурс бил неколку пати неуспешен. Веднаш по изборите, сите челници на ДУИ тврдеа дека нема шанси ВЛЕН и ВМРО-ДПМНЕ да направат влада. Направивме влада. После велеа, нема шанси да траат ни 100 дена, поминаа 100 дена. Па, велеа ќе видите после Нова година, готово, ние ќе палиме сè живо и диво, нема да дозволиме оваа влада да помине. Одиме на локални избори. Така што, сè додека тие зборауваат вака, ние ќе продолжиме да победуваме и да владееме.“
вели Муртезани.
Тој додава и дека предвремени избори би значеле забавување на проектите што веќе ги отпочнала Владата.
„Засега ние не гледаме никаква потреба, бидејќи сите тие мерки коишто владата месеци наназад ги спрема и ги презема, очекуваме првите резултати да се појават во 2026 г. Ако ние одиме на предвремени парламентарни избори, значи дека цела година ќе ја изгубиме“,
додава Муртезани.
Во однос на најавите за владина реконструкција до крајот на годината, Муртезани посочува дека ќе бидат неопходни ако дел од министрите кои сега се кандидати, бидат избрани за градоначалници.
„Прво, одредена промена ќе има. Не се знае дали ќе биде реконструкција, бидејќи за реконструкција да биде мора една третина од владата да се смени. Меѓутоа, некои министри ќе бидат сменети бидејќи ќе станат градоначалници. Во овој случај ќе треба нов министер за животна средина и нов министер за демографија, труд и млади. Засега сигурно се знае дека прв вицепремиер ќе биде Беким Сали, нашиот пратеник во Собранието, бидејќи функциите што ги имаше Изет, прв заменикпретседател на Владата и министер за животна средина, ќе се разделат. Така што, одредени промени ќе има. Колку ќе бидат тие и какви ќе бидат, засега не знаеме, меѓутоа секако дека одредени промени ќе има“,
посочува Муртезани.
Тој посочува и дека во рамки на владината коалиција веќе е договорено функцијата на Меџити како прв вицепремиер да ја преземе поранешниот министер за здравство и актуелен пратеник Беким Сали. Тоа, како што вели Муртезани, нема да значи уште еден министер во Владата од ВЛЕН, туку раздвојување на функциите – прв вицепремиер и министерската позиција во животна средина.