Наскоро ќе биде егзекутиран ирански граѓанин кој им дал информации на американските и на израелските служби за локацијата каде се наоѓа генералот Касем Сулејмани, кој беше убиен, соопшти денеска претставник на иранските судски органи.
На 3 јануари, со напад од дрон, беше убиен генералот Сулејмани, командант на специјалните сили „Кудс“ на иранската Револуционерна гарда. Вашингтон го обвинуваше Сулејмани за организирање напади врз американските сили во регионот.
Махмуд Мусави-Мајд, еден од шпионите на ЦИА и Мосад, беше осуден на смртна казна.
„Тој на нашите непријатели им дал информации за тоа каде се наоѓа маченикот Сулејмани“,
изјави во телевизиското обраќање судскиот портпарол Голахосеин Есмаили, пренесува МИА.
По убиството на Сулејмани, Иран на 8 јануари одговори со ракетен напад врз американска база во Ирак. Во нападот не беа убиени ниту повредени американски војници, но стотици од нив подоцна беа дијагностицирани со мозочни трауми.