Одборот за надворешни работи на Претставничкиот дом на Конгресот на САД испрати обврзувачки повик до државниот секретар Мајк Помпео за сослушување за наредбата на претседателот Доналд Трамп во Ирак да се убие високиот ирански генерал Сулејмани.
Јавното сослушување на Помпео е закажано на 29 јануари.
„Оценувам дека Вашето сведочење е исклучително важно и подготвен сум да ги искористам сите легални средства за да го обезбедам Вашето присуство“, се наведува во писмото на претседавачот со Одборот, демократот Елиот Енгел испратено до Помпео.
Одборот, каде демократите имаат мнозинство, соопшти дека Помпео е повикан да сведочи откако поголем број членови на Конгресот, вклучително и републиканците бараа повеќе информации за убиството на иранскиот генерал Касим Сулејмани во Багдад.
Тоа е вторпат Помпео да се биде повикан да сведочи пред Одборот. Првото сослушување беше закажано на 14 јануари, но Помпео не се појави.
Телевизиската мрежа Си-Ен-Ен, повикувајќи се на повеќе извори во и околу администрацијата во Белата Куќа, неодамна објави дека Мајк Помпео, бил „движечката сила“ за претседателот Доналд Трамп да нареди убиство на Сулејмани.
„Тргање на генералот Сулејмани од бојното поле” била цел на Помпео долго време, потврдиле повеќе извори за Си-ен-ен. Во текот на целата кариера, Помпео верувал дека Иран е коренот на проблемите на Блискиот Исток и се фокусирал на Сулејмани како „мастермајнд“ на тероризмот спонзориран од државата во целиот регион.
Помпео бил толку лично фиксиран на иранскиот генерал што дури барал да добие виза за Иран во 2016 година кога беше конгресмен од Канзас. И додека велел дека го прави тоа заради набљудување на изборите, на блиски им се доверил дека сакал да се обиде да се конфронтира со Сулејмани додека е таму. Виза никогаш не добил. Помпео, според анализата на Си-ен-ен, верувал дека Сулејмани ја има крвта на стотици американски војници на своите раце.
Републиканец, со критички однос кон Трамп, но кој ја поддржал операцијата против Сулејмани, рекол за Си-ен-ен дека Помпео е толку влијателен што е како „државен секретар, секретар за одбрана и директор на ЦИА“ во едно.
Мајк Помпео беше директор на ЦИА од јануари 2017 до април 2018 година, кога дојде на позицијата државен секретар на САД. Од 2011 до 2017 година беше конгресмен – член на Претставничкиот дом на САД од Канзас. Во тој период членуваше во Комитетот за разузнавање при Конгресот.
Помпео во октомври минатата година ја посети земјава (средбите со државно-владиниот врв беа во Охрид), што беше прва посета на американски државен секретар од 2001 година.
*Поврзани вести: