Често ми го поставуваат прашањето: Претседателе, за кој дом мислат? Дали мислат за домот во Дубаи, дали мислат за хациендата на Халкидики, фирмите во Петрич и Сандански или, пак, можеби за онаа јахта којашто сите можевме да ја видиме, имаат луѓето дилема, рече Мицкоски на предизборен митинг во Босилово, осврнувајќи се на предизборниот слоган на СДСМ – „Се бориме за нашиот дом!“

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска од митинг во Босилово им порача на СДСМ да извлечат поуки од нивните, како што вели тој, погрешни политики во минатото.
Според него, СДСМ се наоѓа под психолошкиот и биолошки минимум, и тврди дека на овие избори нивен главен предизвик ќе биде дали ќе освојат 110, 120, или 130 илјади гласа.
Мицкоски во своето обраќање се осврна на предизборниот слоган на опозицијата и рече оти граѓаните се во дилема и го прашувале дали СДСМ под дом ги подразбираат хациендата на Халкидики и Дубаи.
„Би сакал неколку реченици да кажам и за слоганот на нашиот политички противник, којшто вели дека ќе се бореле за нивниот дом, често ми го поставуваат прашањето: Претседателе, за кој дом мислат? Дали мислат за домот во Дубаи, дали мислат за хациендата на Халкидики, фирмите во Петрич и Сандански или, пак, можеби за онаа јахта којашто сите можевме да ја видиме, имаат луѓето дилема. Мојот одговор е секогаш дека тие имаа седум години можност да мислат за нашиот заеднички дом, а нашиот заеднички дом е нашата татковина Македонија, тие мислеа за својот џеб, и затоа денеска некогаш големата СДСМ се наоѓа под психолошкиот и биолошки минимум, и на овие избори нивен главен предизвик ќе биде дали ќе освојат 110, 120, или 130 илјади гласа“,
кажа Мицкоски, кој денеска го обвини лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека е континуитет на, како што рече, „политиките на неговиот гуру Заев“.
Инаку, СДСМ на локалните избори настапува под слоганот „Се бориме за нашиот дом!“. Денеска, на предизборен собир во Македонска Каменица, партискиот лидер Филипче ги повика гласачите на мобилизација за локалните избори и кажа дека апстиненција би била награда за ВМРО-ДПМНЕ.
„Или ќе ја браниме куќата што ја градиме, или ќе гледаме како ја рушат, цигла по цигла. Знам дека граѓаните се разочарани, но сега е време за мобилизација, не за апстиненција. Апстиненцијата е награда за ВМРО-ДПМНЕ. Повикувам на мобизација. Ајде заедно да ја одбраниме куќата што ја градиме со децении“,
рече Филипче.