Родителите побараа целосно презентирање на сите докази, проширување на обвинението и кон други вмешани лица, јавна одговорност за пропустите во обвинителниот акт, како и итно преиспитување на решението за домашен притвор и обезбедување еднаков третман за сите осомничени
ФОТО: МИА
Родителите на настраданите во трагичниот пожар во т.н. дискотеката „Пулс“ од 16 март го одржаа својот 25. протестен „Марш за ангелите“. Маршот започна од пред Судот во Кочани, од каде што родителите упатија остри барања до државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски.
Тие побараа целосно презентирање на сите докази, проширување на обвинението и кон други вмешани лица, јавна одговорност за пропустите во обвинителниот акт, како и итно преиспитување на решението за домашен притвор и обезбедување еднаков третман за сите осомничени.
„Дали вие и сите други носители на највисоки функции досега не се запрашавте дека од 16.3.2025 година повеќе немате функција? Вие имате мисија! Мисија дали оваа држава ќе постои или ќе ја снема“,
рече Мита Тасева, мајка на починатиот диџеј Стефан Цеце Тасев.
Родителите сметаат дека наместо вистина и целосна одговорност, се сведоци на пропусти и прикривања поради што биле принудени сами да го анализираат обвинителниот акт за да укажат на грешките.
За нив, поразително е тоа што дел од осомничените се со мерки на претпазливост, а постои сомнеж дека некои лица, како што велат, си ја купиле својата слобода со пари.
„Ова е навреда за правдата и за целиот правен систем. Вашата должност е да обезбедите еднаков третман пред законот, а не да создавате систем во кој богатите и влијателните се неприкосновени“,
порачаа родителите директно обраќајќи му се на обвинителот Коцевски.
Дваесет и петтиот марш започна од „Паркот на Револуцијата“, продолжи кон Трговскиот центар, зградата на Управата за јавни приходи и полициската станица. Родителите на околу петнаесет минути го блокираа сообраќајот на кружниот тек кај двојниот мост во Кочани, а потоа се упатија пред зградите на Основниот суд и Обвинителството, за да завршат повторно во „Паркот на Револуцијата“.
Инаку, вчера од Основниот кривичен суд Скопје информираа дека во целост е одобрен обвинителниот акт за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој на 16 март загинаа 62 лица, а повеќе од 200 беа повредени.
На оцена на обвинителниот акт се чекаше речиси четири месеци, ако се земе предвид дека обвинението во кое се опфатени 34 физички и три правни лица беше поднесено на 13 јуни, односно безмалку три месеци по трагедијата.
Предметот за понатамошно постапување, како што рекоа од Кривичен, е распределен на кај судијата Диана Груевска-Илиевска од одделот Кривично полнолетни при најголемиот суд во државата.
Од Кривичен велат дека Груевска-Илиевска е судија со долг стаж која има постапувано во сите оддели на овој суд.
За потсетување, неполни три месеци од пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, Јавното обвинителство на 13 јуни соопшти дека е поднесено обвинение против 34 физички и три правни лица за трагедијата.
Сите обвинети се товарат за кривичното дело тешки дела против општата сигурност, со исклучок на еден, кој е обвинет за примање мито за изготвување на лажните лиценци за да може објектот да функционира како кабаре-клуб.
За случајот со „Пулс“ пред неполн месец, односно на 5 септември, Обвинителството поднесе уште еден обвинителен акт против сопственикот на фирмата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев.
Нацев, исто така, се гони за тешки дела против општата сигурност бидејќи, според обвинителството, тој има особен придонес во пропустите за „Пулс“, односно не постапил според прописите и техничките правила за мерките за заштита и со тоа предизвикал опасност за животот и телото на луѓето, како и имотот од големи размери.