За време на средбата во Скопје, двајцата премиери разговарале и за трговската размена, заедничките енергетски проекти и олеснувањето на движењето на луѓе и стоки, како и за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји и за економската соработка
Гасното и коридорско поврзување на Македонија и Србија е една од темите на која премиерот Христијан Мицкоски разговарал со српскиот премиер Ѓуро Мацут, кој е во официјална посета на земјава.

За време на средбата во Скопје, двајцата премиери разговарале и за трговската размена, заедничките енергетски проекти и олеснувањето на движењето на луѓе и стоки, како и за унапредување на билатералните односи меѓу двете земји и за економската соработка.
„Уверени сме дека заедничките проекти ќе придонесат за посилни врски и подобра иднина за нашите граѓани“,
порача премиерот Мицкоски во објава на Фејсбук во која информира за средбата.
Македонскиот премиер за време на средбата истакнал оти Србија е искрен пријател и партнер со кого земјава ја споделува визијата за стабилен, безбеден и просперитетен Балкан.
Српскиот премиер Мацут, пак, како што се наведува во соопштението испратено од Владата, изразил поддршка за реформските процеси во државата и нагласил дека Белград и Скопје ќе продолжат да соработуваат на заеднички проекти од интерес на граѓаните на двете земји.
Се додава дека двете страни се согласиле оти продлабочувањето на пријателските врски меѓу Македонија и Србија е важно за регионалната стабилност и европската перспектива на Западен Балкан.