Обвинетите Мејсут Мемиши, Алмир Асани и Флорин Арифи, како што пренесе телевизијата Телма, пред Судот изразиле каење за стореното и навеле дека во иднина нема да го повторат делото
Тројцата обвинети за предизвикување пожар на дивата депонија Вардариште на денешното рочиште во Основниот кривичен суд Скопје признаа вина за кривичното дело загрозување на животната средина и природата со отпад.

Обвинетите Мејсут Мемиши, Алмир Асани и Флорин Арифи, како што пренесе телевизијата Телма, пред Судот изразиле каење за стореното и навеле дека во иднина нема да го повторат делото.
Тие, исто така, изразиле подготвеност да соработуваат со надлежните за целосно отстранување на отпадот од дивата депонија.
Судот, од своја страна, го констатирал признанието вина, а од Обвинителството побарале Кривичен да изрече соодветна казна.
Инаку, за делото што им се става на товар на обвинетите е предвидена затворска казна од три месеци до три години.
Основното јавно обвинителство Скопје на 11 септември поднесе обвинение против трите лица за кривично дело – загрозување на животната средина и природата со отпад. Тие, согласно обезбедените докази, на улицата „Зендел Џемаил“ во Скопје од 2020 година вршеле откуп на старо железо, метални производи, стари акумулатори и други обоени метали на импровизирани пунктови – отпади, без да регистрираат правно лице и без дозвола за управување со отпад, со што создале диви депонии на дел од локацијата во Вардариште, каде што на 9 јули годинава настана неконтролиран пожар.
„Согласно обезбедените докази, лицата вршеле оставање, фрлање и непрописно транспортирање на отпадот, со што создале диви депонии кои биле констатирани при настанат пожар на дел од локацијата. Со ваквите незаконити дејствија обвинетите влијаеле врз квалитетот на почвата и воздухот и предизвикале опасност по животот и здравјето на луѓето“,
соопштија на 11 септември од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
Голем пожар на дивата депонија избувна и на 31 август, а непријатната миризба со денови се чувствуваше речиси низ цело Скопје, а особено во општините Гази Баба и Аеродром.
Пожарите што летово гореа на Вардариште беа повод жители на Општина Аеродром да почнат речиси секојдневни блокади на мостот „Близнаци“ барајќи од надлежните да го решат проблемот со дивата депонија.