Во двата случаи, јавниот обвинител предложи судија на претходна постапка да определи мерка притвор за осомничените, поради околности кои укажуваат на опасност од бегство
Скопското Основно јавно обвинителство соопшти дека повело постапки за два одвоени случаи на семејно насилство што неодамна биле откриени во Скопје.

Во едниот случај, како што информираат оттаму, постапка е поведена против лице кое на 25 септември, во семејниот дом во населбата Ѓорче Петров, ја нападнал и телесно ја повредил својата вонбрачна партнерка.
Осомничениот, според краткиот опис на делото, физички ја нападнал оштетената, удирајќи ја со тупаници, шлаканици и клоци по главата и целото тело, а во еден момент почнал и да ја дави, поради што жената изгубила свест.
Тој, како што се наведува во соопштението на Обвинителството, се товари за кривчното дело телесна повреда од член 130 ства 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик (КЗ).
За истото кривично дело се гони и осомничениот во другиот случај за кој скопското Обвинителството повело постапка.
Тој делото го извршил на 1 октомври во селото Мирковци, каде телесно ја повредил неговата поранешна партнерка.
„Откако дошол во домот и ја известил поранешната сопруга дека решил да остане таму, таа го замолила да си замине. Но, тој одбил, по што почнал физички да ја напаѓа, влечејќи и тегнејќи ја за рацете, удирајќи и тупаници, од кои удари оштетената се здобила со повреди“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Во двата случаи, јавниот обвинител предложи судија на претходна постапка да определи мерка притвор за осомничените, поради околности кои укажуваат на опасност од бегство.