Поради снегот, во делови од Србија сообраќајот се одвива отежнато. Во повеќе градови е прогласена вонредна состојба. Во Ивањица има над 20 сантиметри снег, а на Копаоник повеќе од 60 сантиметри
Големо невреме проследено со обилен и влажен снег, што ги зафати ридските и планинските региони на Србија, предизвика голем број дефекти во дистрибутивната мрежа за електрична енергија, пренесуваат српските медиуми.

Во регионите на градовите Ниш и Краљево, како што соошти „Електродистрибуција на Србија“ (ЕДС), околу 50 000 корисници се без електрична енергија. Нивните екипи се на терен и интензивно работат на отстранување на дефектите во многу тешки услови.
Иако повеќето од нив се санирани, сепак поради лошите временски услови постојано се појавуваат нови.
Поголемиот дел од проблемите се регистрирани во планинските региони на Рашка, Златибор, Моравичкиот Регион, Пчињскиот и Јабланичкиот Округ.
Поради снегот, во делови од Србија отежнато се одвива и сообраќајот. Во повеќе градови е прогласена вонредна состојба. Во Ивањица има над 20 сантиметри снег, а на Копаоник повеќе од 60 сантиметри.
На целата територија на општина Нова Варош е прогласена вонредна состојба поради снегот што паѓа речиси цело деноноќие и предизвикува огромни проблеми.
„Најголемите проблеми се во снабдувањето со електрична енергија. Повеќе од 80 отсто од територијата на општината моментално е без електрична енергија, а градот е без вода. Утрово успеавме да го завршиме далноводот што оди до изворот Шапоњиќ, така што долниот дел од градот ќе добие вода во следните неколку часа“,
рече претседателот на општината, Бранко Бјелиќ.
Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија најавува дека снежните врнежи ќе продолжат, особено во јужните, југозападните и во источните делови на земјата, каде се очекува да наврнат уште 10 до 30 сантиметри снег.
Во Шумадија, Поморавље, како и во делови од југот и југозападот на земјата, во сила е црвен временски аларм.