Ѓорѓиевски нагласи дека овој проект е дел и од стратегијата „Визија: Нула несреќи“ преку која до 2030 година ќе се редизајнираат 50 критични улици и крстосници во Скопје

Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денеска од Чаир претстави два крупни инфраструктурни проекти кои, според него, суштински ќе го променат секојдневието на граѓаните во овој дел од градот.
Најзначаен проект, како што вели Ѓорѓиевски, е изградбата и проширувањето на булеварот „Цветан Димов“, кој претставува главна сообраќајна артерија за општините Чаир, Бутел и Шуто Оризари, а која дневно ја користат околу 100 илјади возила.
„По години одлагања, конечно ќе започнеме со реализација на овој проект. Сообраќајниот метеж овде одамна го надмина прагот на издржливост, а воедно носи и големи безбедносни ризици“,
истакна Ѓорѓиевски.
Според проектот, што Ѓорѓиевски рече дека го има во неговата програма, булеварот ќе биде изграден со шест коловозни ленти, велосипедски патеки, тротоари, зеленило и современо осветлување.
Ѓорѓиевски нагласи дека овој проект е дел и од стратегијата „Визија: Нула несреќи“ преку која до 2030 година ќе се редизајнираат 50 критични улици и крстосници во Скопје.
Паралелно со проширувањето на булеварот, Ѓорѓиевски најави и изградба на монтажна катна гаража кај трговскиот центар „Чаирчанка“.
„Со години наназад, овој дел од градот се соочува со драматичен недостиг на паркинг места. Со новиот монтажен систем ќе добиеме решение кое е брзо, функционално и безбедно, без дополнително оптоварување на јавниот простор“,
рече тој.
Ѓорѓиевски рече дека со сите планирани проекти, визијата е Скопје да биде еднакво развиен град во кој рамномерниот регионален развој е главна насока.