Претставките, појасни тој, опфаќаат различни периоди, а најстарата е за нешто што се случило во 2010 година
Во Фондот за здравствено осигурување се пристигнати уште 15 претставки од пациенти за сомнителни кардиохируршки интервенции кои ги препраќаме до Министерството за здравство за натамошно постапување, информира денеска генералниот директор на ФЗО Сашо Клековски. Пет се индивидуални претставки, а десет се поднесени од установа. Клековски додаде дека досега се пристигнати вкупно 25 претставки од пациенти за сомнителни кардиолошки интервенции.

Претставките, појасни тој, опфаќаат различни периоди, а најстарата е за нешто што се случило во 2010 година.
„Во основа има три категории поплаки, односно претставки: едната е каде можно е да им е направена интервенција на пациенти, а немало потреба од тоа, втората е каде на пациенти требало да им се направи, а не им е направено тоа што требало да се направи, и третата се однесува на пациенти кај кои од тоа што е направено нема да има помош во смисла интервенциите што се направени кај пациенти кои можеби се во терминална фаза нема да водат кон подобрување на нивната здравствена состојба или кон продолжување на животниот век. Тоа може да го спореди со давање скапи онколошки лекови на терминално болни пациенти, каде единствено палијативна нега е потребна во моментот, а тоа не е едноставна одлука, но е одлука која мора да биде донесена“,
рече Клековски, одговарајќи на новинарско прашање по прес-конференцијата за активностите на ФЗО за зголемување на бројот на матични доктори во руралните средини.
Тој нагласи дека јавноста не треба да очекува брзи резултати и оти не е пожелно да има брзо резултати, бидејќи тие би биле погрешни.
„Мора да влеземе длабоко во овој процес, бидејќи тој мора да биде процес на учење, каде сме грешеле, што треба да промениме за овие работи да не ни се случуваат во иднина за да ја вратиме довербата во тој сегмент на здравството. Тука брзината е помалку важна од квалитетот на сработеното, бидејќи мора да бидеме сигурни во тоа како ќе постапиме и доколку има сериозни грешки тоа треба да заврши со кривични пријави“,
потенцира Клековски.
Министерот за здравство Азир Алиу вчера изјави дека конечниот извештај на домашната комисија што ја формира Министерството за здравство за сомнителните кардиохируршки интервенции сè уште не е достапен за јавноста. Тој повтори дека се отворени пет нови случаи кои се предмет на анализа од страна на Комисијата, покрај претходните осум предмети кои веќе се завршени.
Алиу посочи дека извештајот ќе биде објавен на веб-страницата на Министерството дури откако ќе бидат готови сите случаи што се предмет на анализа.