Од опозициската партија вчера укажаа на алармантна состојба на Клиниката за онкологија, каде нема терапија, нема реагенси за испитувања, а дел од апаратите за зрачење не работат
Нема лекови, се одложуваат операции, нема доктори, се затвараат клиники во интерес на приватни болници, кои му диктираат на министерот за здравство како да работи. Се оди дотаму да доктори од приватни болници му се советници на министерот. Ова вчера во рамки на кампањата за локалните избори од Општина Аеродом го кажа лидерот на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Венко Филипче, коментирајќи го ресорот здравство со кој раководеше во минатата влада.

„Можете да замислите каква катастрофа од систем. Едноставно, тотална блокада на државата“,
рече тој од скопски Аеродром.
Ова, според него, е доказ за неспособноста на власта, која нема ништо направено во ниту една сфера, а камоли во здравството.
Од СДСМ вчера укажаа дека на алармантна состојба на Клиниката за онкологија, каде нема терапија, нема реагенси за испитувања, а дел од апаратите за зрачење не работат.
Посочија и дека пациенти во животнозагрозувачка состојба се оставени сами на себе, принудени да купуваат лекови од странство и да плаќаат приватно за дијагностички анализи.
На 25 септември, пред почетокот на кампањата за локални избори, при неговата посета на Струмица, лидерот на опозицијата, коментирајќи ја состојбата во здравството, соопшти дека во главниот советнички тим на министерот за здравство има лекари од приватни болници.
Веднаш потоа упати прашање до актуелниот министер за здравство Азир Алиу – за кого крои политики, за доброто на јавното здравство или за приватните болници, токму под влијание на неговите најблиски советници.
„Но, тоа не изненадува бидејќи оваа власт секој ден покажува и докажува дека работи само за големите бизниси и компании, за приватните болници, а ништо за обичните луѓе и за народот“,
рече тој.