„Од тука јасно и гласно испраќаме порака дека Аеродром бара промени. Ставаме крај на недомаќинското работење, на отровниот воздух. Заслужуваме чиста, зелена општина во која достоинствено ќе живееме. Следува целосна обнова на системот за наводнување, редовно собирање на отпадот и миење на улиците, дигитализација на училиштата и редовни здравствени прегледи“, рече тој во своето обраќање на вечерашниот предизборен митинг на СДСМ во општината
ВМРО-ДПМНЕ не заслужува да ја води оваа општина и затоа сме тука да кажеме „доста е“, доста е на загадувањето, на запалените депонии, на ѓубрето по улиците. Време е за промени, порача претседателот на СДСМ, Венко Филипче на вечерашниот централен митинг во општина Аеродром, со кој беше заокружен денешниот предизборен карван на партијата.

Во својот говор на митингот тој се осврна на актуелната состојба во државата, наведувајќи дека три месеци по ред платите се намалуваат, дека е нарушена ликвидноста на компаниите, а власта, како што подвлече, нема намера да имплементира ниту една политика во интерес на граѓаните.
„Денес излезе уште една лага, пензиите се зголемија за само 1 000 денари, а ветувањето беше поинакво. Сериозно е загрозена ликвидноста на Пензискиот фонд, нема една сфера во која е добро, земјоделството е во катастрофална состојба, во образованието ништо, нема учебници, никој не зборува за зголемување на платите, а и здравството е катастрофа. Тотална блокада на државата. Мицкоски обвинува дека правиме црна кампања, но не, ние само ја кажуваме црната вистина на политиките на ВМРО-ДПМНЕ“,
рече Филипче.
Инаку, на митингот прв се обрати носителот на листата на СДСМ, Милутин Ристевски, кој кажа дека ќе се залага за чесност, работа и вистинска промена. Според него, доста биле лагите, манипулациите и празните ветувања на ВМРО-ДПМНЕ во изминатите четири години.
„Цели четири години ниту една од ветените четири градинки не е изградена. Последните две нови градинки се изградија во мандатот на СДСМ. Секојдневно слушаме поплаки од родители дека условите во школите се катастрофални, училиштата тонат во долгови кои се најстрого чувана тајна. Ветија зеленило, а не можат да го одржуваат ни постоечкото, општината никогаш не била позапуштена, диви депонии има на секој чекор. Ветија нова општинска зграда, никогаш не ја изградија, ветија и 3 000 нови паркинзи, ни 100 не изградија, ветија шест нови кружни текови и велосипедски патеки на секоја улица, но ништо и од тоа не е направено“,
кажа Ристевски.
Кандидатот за градоначалник Александар Трајановски, пак, потенцира дека Аеродром може да биде многу подобра општина, притоа најавувајќи мерки за воведување ред во сообраќајот, нови велосипедски патеки, паркиралишта и катни гаражи, како и паметно осветлување. Во фокусот, како што рече тој, ќе бидат младите и културата.
„Од тука јасно и гласно испраќаме порака дека Аеродром бара промени. Ставаме крај на недомаќинското работење, на отровниот воздух. Аеродром не смее да се претвори во уште една скопска депонија, повторно ќе биде наша скопска гордост. Заслужуваме чиста, зелена општина во која достоинствено ќе живееме. Следува целосна обнова на системот за наводнување, редовно собирање на отпадот и миење на улиците, дигитализација на училиштата и редовни здравствени прегледи“,
рече Трајановски.
Тој најави и, како што рече, сосема нов проект – воведување локална парамедициска служба која ќе биде сервис за граѓаните на Аеродром.
Неговата програма предвидува и креирање фонд за млади, како и изградба на културен центар со кино сала, театарска сцена и простор за изложби.
„Срамота е Аеродром во 21. век да нема ниту еден објект на културата. Аеродром нема ниту општинска зграда, ветија парк и го градат цели четири години“,
рече Трајановски.

Пред присутните граѓаните и поддржувачи се обрати и кандидатката за скопски градоначалник и потпретседател на СДСМ, Каја Шукова која рече дека доаѓа со реален план, составен од важни проекти што ќе ја променат сликата на градот.
Шукова вети брз јавен превоз, нови еколошки авотбуси, мостови, тунели, долгорочна сообраќајна стратегија. Се осврна и на Вардариште, со напомена дека нуди конкретни решенија.
„Никој нема право да си игра со нашето здравје. Мојата програма е еколошки најсилна досега, 15 паркови за 15 месеци и конечно средување на ‘Дрисла’. Субвенции за централно греење, чист Вардар и уреден кеј, нови пешачки и велосипедски патеки. Го гледаме Скопје како град на можности, не само на проблеми“,
рече Шукова, најавувајќи и конгересен центар, како и комплекс за авантура со модерна зоолошка, аквариум и луна парк.