На патот, како што информира Автомото сојузот на Македонија, има расфрлени метални предмети што ги превезувал камионот
Камион попладнево излетал од магистралниот пат Деве Баир – Крива Паланка кај Самоков поради што сообраќајот од 17:10 часот беше во прекин за сите возила во двата правци.

На патот, како што информира Автомото сојузот на Македонија, има расфрлени метални предмети што ги превезувал камионот.
Инаку, во последната ажурирана информација од АМСМ се вели дека од 18:45 часот сообраќајот на овој патен правец се одвива по една коловозна лента.
Според АМСМ, сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по влажни коловози, а интензитетот на патните правци надвор од градските средини е умерен.
На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од АМСМ препорачуваат приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.