Долга е листата на општински проблеми што ги набројуваат тетовци – од недостиг на вода и канализација до хаос во сообраќајот. Ниту еден од нашите соговорници на градскиот пазар во Тетово не покажа верба дека решенијата што ги нудат кандидатите на крај и ќе се остварат
За градоначалничката фотелја во Тетово фаворити се актуелниот градоначалник и претседател на БЕСА, Билал Касами, како и кандидатот на „Националната алијанса за интеграција“ и потпретседател на ДУИ, Бајрам Реџепи
Тетовци на 19 октомври ќе можат да избираат меѓу шест кандидати – кој да ја води нивната општина во следните четири години. А каде ако не на пазар човек може најдобро да слушне – што му треба на градот и што очекуваат гласачите.




Еве, јас плаќам за вода и канализација, но немам канализација.
360°: Дали плаќате?
Јас плаќам редовно. Сега извадија и паркови од 6 ката, ќе прават урбанистичко планирање, тунели.
360°: Дали мислите дека ќе го исполнат она што го ветуваат?
Нема шанси. Прашање е дали поголемиот број од граѓаните ќе излезат на избори да дадат глас на некого.
360°: Што очекувате од кандидатите?
Ништо, нула,
вели жител на Тетово
Зборувавме и со други тетовци на пазарот. Со новостекнатото знаење тргнавме кај оние што ја бараат нивната доверба.
Така се совпаднаа агендите што првото интервју ни беше со кандидатот кому му се падна бројот 1 на гласачкото ливче. Поранешниот пратеник Самка Ибраимоски вели дека влегол во трката затоа што, според него, Тетово е трансформирано во градежна компанија за бизнис. Уште од независноста.

Значи, оттогаш навака не е само еден, двајца, и тројцата ништо немаат направено, освен што си тераат бизнис, односно си тераат изградба на згради, а она што им е работа не го прават,
вели Ибраимоски.
Ибраимоски смета дека има многу работи што може да ги направи за Тетово, проекти што претходните градоначалници не ги реализирале како што треба.
Прво, редовно ќе се мијат улиците на градот со хигиенски средства увезени од Европа и ќе личи на она Тетово што беше уште кога беше Југославија, еднаш до двапати неделно се миеја улиците. Сега тоа е мислена именка. Потоа рециклажа за пластика. Тоа е една рециклажа, монтажна рециклажа, каде што ќе се рециклираат пластика, шише и други отпади, отпадоци од пластика и ќе се произведува електрична енергија за потребите на градот,
рече Ибраимоски.
Нашиот следен соговорник го нема политичкото искуство на Ибраимоски. Но, кандидатот на Демократи, Изет Зејнеловиќ, добро ги знае и Тетово и тетовци – работниот век го поминал во Министерството за внатрешни работи.

Има многу, многу проблеми, проблеми со водата, проблеми со администрацијата, со услугите на граѓаните, така што има многу проблеми кои ми дадоа мотив навистина да ја прифатам кандидатурата и да се кандидирам за градоначалник,
вели Зејнеловиќ.
Зејнеловиќ вели дека има многу проекти за општината. Но, и за него, најважниот е решавања на отпадот.
Тука е проектот прво фабрика за решавање на депонијата. Таа фабрика е многу добра, таа го нема, таа ја нема на овој дел од Балканот. Прва ќе биде во Тетово. Луѓето се спремни да инвестираат, така што таа многу ќе биде корисна. Производство на струја ќе има, ќе се употреби за школите, градинките и другите институции каде што ќе има потреба. Нема веќе да плаќаат школите, градинките и другите институции големи сметки за струја, ќе бидат ослободени, а тие средства ќе ги намениме во потребите на граѓаните,
рече Зејнеловиќ.
Свој тркач на изборите има и ВМРО-народна партија. Кандидатот е Стевица Саркоски, вработен во Основниот суд во Тетово.

Најголем мотив ми даде тоа што како Македонец во Тетово се почувствував повреден што ниту една од главниве, самонаречено главниве партии од македонскиот кампус, не истакнаа свој кандидат,
вели Саркоски.
Еден од приоритетите во програмата на Саркоски е постепено решавање на урбаниот хаос. Но, ја промовира и идејата Тетово да стане како Скопје, кога е во прашање уредувањето на локалната власт.
Не како досега за ДУП кој се носи неколку дена јавна дебата, ги гледаа тоа да биде и преку викенд и никој да не се ни јави и можеби ќе да заживее нашата иницијатива. ВМРО-народна партија уште во 2011 година поднесе до Собранието на Република Македонија измена на законот за територијална поделба, со која Тетово по урнек на градот Скопје ќе стане град со три општини, од коишто една општина да биде со мнозинство македонско население.
изјави Саркоски.
Слични мотиви за нејзината кандидатура сподели и Катка Божиновска. Таа е кандидатка на Левица, вработена во Државниот универзитет во Тетово и доктор по правни науки.

Мојата кандидатура за градоначалник, просто кажано, е од револт. Значи, ако се избори, и Македонците во Западна Македонија имаат право на избор,
вели Божиноска.
На кандидатурата на Божиновска власта веќе се изјасни дека гледа како на одработување за ДУИ. Причината е што ВМРО-ДПМНЕ одлучи уште во првиот круг да ги поддржи своите коалициски партнери од ВЛЕН, а вака сметаат дека Левица ги ситни гласовите на Македонците за ДУИ да не изгуби уште во првиот круг.
Тоа е чист нонсенс бидејќи ние немаме договор со ниедна партија и настапуваме сами и ние немаме, немаме конкретно гласачко тело во Тетово за да може со некого да се пазариме за вториот круг, така што тоа се само обвинувања на власта, која што со сите сили се труди да не замолчи,
рече Божиноска.
Мотивите се една работа, а проектите друга.
На прво место би го ставила проблемот со загадувањето бидејќи градот под Шара, кој некогаш беше синоним за чист воздух, сега е дувло на загаден воздух и просто тетовчани не можат да дишат со години, со децении наназад. Би ги ставила како приоритет исто немањето вода, канализацијата, урбанизацијата, тоа е се последица на лошата урбанизација. Значи, на секое место каде што имало куќа се се гради зграда. Би ги ставила како голем проблем недостигот на зелени површини, игралишта,
изјави Божиноска.
Тетово, сепак, е општина во која Албанците се во мнозинство, па се очекува трката да се води меѓу кандидатите на партиите на Албанците.
Коалицијата предводена од ДУИ, сега обединета под името „Национална алијанса за интеграција“, за кандидат за градоначалник го номинира Бајрам Реџепи, потпретседател на ДУИ, магистер по информациски технологии, поранешен директор на Национални енергетски ресурси. Негов мотив е да обезбеди подобра иднина на младите.

Во моментов ситуацијата во нашиот град не е каква што нашите деца и млади би сакале да e, да имаат нормален град. Она што се случува денес е сериозен прекршок за тетовската интелигенција, тоа е криминализирана администрација, криминализирано раководство,
вели Реџепи.
А тие услови, смета Реџепи, можат да се постигнат преку економски развој на градот. Економскиот развој, пак, се потпира на урбаниот.
Меѓу главните приоритети ќе биде и одобрувањето на генералниот урбанистички план за да се знае од кој дел ќе се развива Тетово. Ќе може да се донесат детални урбанистички планови за да има места за инвеститорите кои се заинтересирани да инвестираат во нашиот град. Како и префрлање на институциите бидејќи сите институции моментално гравитираат во центарот на градот. Ќе мора да ги преместиме во касарните, за да може да се отстрани протокот на вработени, како и луѓето кои гравитираат кон овие институции за да можат да имаат полесен пристап, за да имаат паркинг-места,
рече Реџепи.
Главен противкандидат на Реџепи му е актуелниот градоначалник Билал Касами, кој ја доби повторно довербата на ВЛЕН.
Вели дека во својот прв мандат успеал да ги стабилизира финансиите на општината и да го преполови долгот.

Во вториот мандат, тврдиме дека веќе со ова ниво што го достигнавме во општината, со проектите што ги реализиравме со поддршка на владата, ќе постигнеме во општина Тетово да реализираме многу капитални проекти, со кои Тетово на крајот ќе биде еден од најразвиените градови и модел за сите други општини и други градови,
вели Касами.
Меѓу тие капитални проекти се спортски објекти, сообраќајници, системи за канализација…
Тука е Градскиот стадион, тука е отворањето, пробивањето на булеварите, тука е колекторот за отпадни води и филтер-станицата, така што Тетово ќе биде меѓу ретките градови во Северна Македонија што ќе има колектор за сите, односно отпадните води во градот и во четирите периферни села: Џепчиште, Порој, Мала Речица, Голема Речица. За образованието, односно за училишта со еднодневна настава каде што ќе се градат, веќе е започната изградбата на две нови училишни згради, со нови згради со базени, со спортски сали, со спортски терени, за млади, со модерни младински центри,
рече Касами.
Сите што се кандидираат и ветуваат. А, бидејќи Касами веќе имаше една шанса да го исполни ветеното, го прашаме и за некои од клучните проекти што ги промовираше пред четири години.
Тогаш ветуваше катни гаражи, па се откажа среде мандатот критикувајќи го и МВР дека не си ја врши работата во областа на сообраќајот. Тогаш полицијата ја водеше влада на СДСМ и ДУИ, но сега се ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН.
Да, тие дефинитивно ќе бидат направени, но за разлика од пред четири години, сега имаме план за мобилност. Во овој план за мобилност, детално е предвидено на кое место каков тип на паркирање ќе имаме, зонско паркирање, паркирање за резиденти, затворени паркинзи или каде што е потребно, катни паркинзи,
изјави Касами.
Кој и да ја добие трката за Тетово, не добива лесна задача. Хартијата трпи сè, па не би требало да се проблем и повеќе идеи како треба да се решат проблемите во Тетово.
Од каде да се почне е вистинскиот предизвик – голем колку Шар Планина.