„Пораките на Венко Филипче за францускиот предлог се некредибилни и внесуваат дополнителна конфузија во македонските позиции, го отежнуваат она што се обидува да го поправи министерот за надворешни и македонската дипломатија и само воведуваат уште еден дополнителен комплексен пристап во ова прашање од коешто корист има соседна Софија“, рече пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со нови оценки и видувања на резолуцијата за црвените линии што пред една недела ја претстави претседателот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче.

Овој пат од владејачката партија се осврнуваат на, според неа, отстапувањето на резолуцијата што ја нуди Филипче, со неговите ставови за францускиот предлог.
Критиките за црвените линии во резолуцијата на СДСМ денеска на прес-конференција ги изнесе пратеникот и член на Извршниот комитет (ИК) на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
Првата констатација, рече Милошоски, е дека Филипче ги менува својата политика и позиции во зависност од потребите на, како што кажа, својот финансиски и политички ментор, поранешниот лидер на СДСМ и експремиер, Зоран Заев.
Ваквото политичко однесување, како што оцени пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, е заедничкиот интерес и на Филипче и на Заев да се задржат на чело на СДСМ.
Образложувајќи го ставот на својата партија, Милошоски се наврати на прес-конференција на лидерот на СДСМ одржана на 1 октомври 2024 г, во која, како што рече, лидерот на СДСМ вели дека францускиот предлог е победа и голем успех на нашата дипломатија.
Според пратеникот од владејачкото мнозинство станува збор голем парадокс бидејќи, како што наведе, денес една година по оваа изјава, Филипче вели дека се потребни црвени линии и резолуција за заштита „од оваа негова во наводници прогласена дипломатска победа“.
„Дали Венко Филипче лажеше во 2024 година кога кажа дека дипломатијата победила со прифаќањето на францускиот предлог или лаже денес кога нуди предлог резолуција со црвени линии за заштита од истиот француски предлог којшто е целосно во корист на источниот сосед“,
праша Милошоски.
Говорејќи во таа насока, тој додаде дека лидерот на СДСМ заедно со „неговиот гуру“ Зоран Заев може да стави потпис и печат на секој иден документ што дополнително би ја потчинил Македонија на ист начин како што, според Милошоски, тоа го направил Бујар Османи со францускиот предлог и анексите што ги прифати во корист на Софија.
Затоа, рече Милошоски, од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека ваквите изјави и изменети ставови на Филипче, не се порака до македонските граѓани, туку се порака до Бугарија бидејќи, според пратеникот, лидерот на СДСМ се надева дека Софија или некој меѓународен актер ќе му помогне да дојде на власт и барем да ја задржи водечката позиција во СДСМ.
Според Милошоски, тоа е така, затоа што и самиот Филипче знае дека ја нема поддршката од македонските граѓани, а, како што додаде, ја нема ниту од најголемиот дел од симпатизерите или членовите на СДСМ.
„Пораките на Венко Филипче за францускиот предлог се некредибилни и внесуваат дополнителна конфузија во македонските позиции, го отежнуваат она што се обидува да го поправи министерот за надворешни и македонската дипломатија и само воведуваат уште еден дополнителен комплексен пристап во ова прашање од коешто корист има соседна Софија“,
рече Милошоски.
На крајот од своето обраќање за медиумите, Милошоски рече дека социјалдемократите можеби се надеваат дека во овој, како што го нарече, потфат на манипулација ќе им помогне лидерот на ДУИ, Али Ахмети, или поранешниот шеф на дипломатијата и актуелен кандидат за градоначалник на Чаир, Бујар Османи, додавајќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи тоа.
„Бидејќи ќе останеме на нашите принципи, Македонија никогаш повеќе да не биде доведена во потчинета позиција, без разлика кој има внатрешен или надворешен интерес, тоа да го постигне. Она што Венко Филипче и Зоран Заев го правеа 20 години во Струмица, и управуваа со општината на начин на којшто сакаа да ги остварат своите бизнис-интереси, нема да можат веќе понатаму да го прават со Република Македонија. Нивното време заврши и затоа најдобро е Венко Филипче наместо предлог-резолуција со црвени линии за францускиот предлог, да предложи внатре во СДСМ предлог-резолуција за сериозни реформи во таа партија којашто ја окупираа финансиски олигарси, предводени од Зоран Заев“,
кажа Милошоски.