Од „Електрани на Северна Македонија“ информираат дека од денеска до 15 октомври на веб-страницата на „ЕСМ снабдување“ секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија во текот на наредниот ден
Наместо од 15 октомври, грејната сезона за потрошувачите приклучени на централно греење во Скопје ќе започне од утре (2 октомври). Причината, како што наведуваат од „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), се ниските дневни температури кои за утре ги најавува Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

„Според податоците од УХМР, за 2 октомври е прогнозирана средна надворешна температура од 10˚С, со што се исполнети условите за производство, испорака и снабдување со топлинска енергија, согласно одлуката на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на РСМ“,
соопштија од ЕСМ.
Оттаму посочуваат дека согласно регулативите, грејната сезона може да започне порано доколку прогнозата за средната надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 Целзиусови степени.
Додаваат дека од денеска до 15 октомври на веб-страницата на „ЕСМ снабдување“ секојдневно ќе се објавува информација дали се исполнети условите за испорака на топлинска енергија во текот на наредниот ден.
„Апелираме до сите корисници да ги завршат потребните поправки на своите внатрешни грејни инсталации бидејќи редовното одржување е нивна обврска и заедниците на сопственици да обезбедат непречен пристап на службените лица до топлинските потстаници и редовно електрично напојување во топлинската станица, односно платени сметки за електрична енергија и функционална електрична инсталација. Завршените интервенции треба да се пријават во Центарот за грижа на потрошувачи“,
се наведува во соопштението на ЕСМ.