Тој вели кога го работеле документот СДСМ не воделе сметка за својот политички рејтинг, затоа што документот е важен за државата да оди напред

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, на регионалната конференција „Еден регион. Една визија. Една иднина“ во организација на Прогрес Институт со поддршка на Олоф Палме, упати критика кон власта сметајќи дека го запира европскиот пат на државата и ја одбива резолуцијата за национален консензус околу евроинтеграциите.
„Пред три дена го одбија еден од најпатриотските документи кој што бил виден на нашата политичка сцена, а тоа е предлог резолуцијата за национален консензус, заеднички црвени линии и временска рамка за почеток на отворањето на поглавјата и продолжувањето на преговорите со Европска Унија“,
рече Филипче.
Тој вели кога го работеле документот СДСМ не воделе сметка за својот политички рејтинг, затоа што документот е важен за државата да оди напред.
Филипче, оцени дека кризата во земјата е дел од пошироката криза на социјал-демократијата во Европа, предупредувајќи дека алтернативата што ја нудат десноцентристичките партии е опасна.
„Имаме многу слично сценарио – еден фрагментиран простор на левиот спектар со кој што се соочуваат и другите земји. Кризата во социјал-демократијата е тесно поврзана со кризата во демократијата во светот, каде што доминираат авторитарните режими, исто тоа што се случува и кај нас. Иако партиите од центарот десно се нудат како некаква алтернатива, сепак таа алтернатива е опасна, затоа што тоа приближување на партиите од центарот десно кон авторитарните режими само ги легитимира дополнително и ги прикажува како некој поблаги варијанти“,
рече Филипче.