Ѕидот, како што го опишува комесарот за одбрана на ЕУ, Андриус Кубилиус, всушност, треба да претставува ефикасен систем за откривање кој ќе вклучува радари и акустични сензори, како и средства за пресретнување и за уништување на дроновите што би навлегле во воздушниот простор на засегнатите држави

ЕУ одлучи да продолжи со плановите за воспоставување т.н. ѕид за дронови во Источна Европа, а планира да ѝ
даде и заем на Украина од 140 милијарди евра, гарантиран со замрзнатите руски средства, пишува „Гардијан“.
Ѕидот, како што го опишува комесарот за одбрана на ЕУ, Андриус Кубилиус , всушност, треба да претставува ефикасен систем за откривање кој ќе вклучува радари и акустични сензори, како и средства за пресретнување и за уништување на дроновите што би навлегле во воздушниот простор на засегнатите држави.
По состанокот со министрите од 10 земји членки од Централна и Источна Европа, плус Украина, комесарот Кубилиус, рече дека ѕидот за дронови за заштита од упади е итен приоритет и клучен елемент на одбраната на источниот дел од блокот.
Прашањето, како што пишува британскиот медиум, се појавило на дневен ред по низата упади со дронови во Данска, Полска и Романија, како и нарушувањето на естонскиот воздушен простор од страна на руските борбени авиони, додека Русија продолжува со смртоносно бомбардирање на Украина.
Комесарот рече дека се несразмерни трошоците за одбрана од дронови со цената колку што чинат овие напаѓачки средства.
„Ако користите воздушни ракети од вашиот ловец за да соборите дрон, тогаш користите нешто што чини еден милион за да го уништи дронот што чини 10 000“,
рекол тој.
Во меѓувреме, Кремљ го критикуваше предлогот за соборување руски воени авиони над Европа како неодговорен откако Доналд Трамп предложи членовите на Алијансата да го сторат тоа.
„Гардијан“ пишува дека додека траеле разговорите за одбрана протекла информација дека има растечко расположение за да и се даде на Украина заем од 140 милијарди евра врз основа на замрзнатите средства на Русија во Европа.
Официјалните лица на ЕУ сега веруваат дека пронашле правно безбеден начин да ѝ позајмат пари на Украина врз основа на средствата засновани на претпоставката дека Русија на крајот ќе му плати на Киев репарации за колосалната штета нанесена за време на повеќе од 1 300 дена целосна војна.
Претставници на ЕУ, исто така, веруваат дека пронашле решение за да се избегне барањето за едногласност, што значи дека трошоците за заемот на крајот ќе ги плати Русија, а не земјите членки, кои би дејствувале како гаранти. Се очекува лидерите на ЕУ да разговараат за ѕидот против беспилотни летала и заемот за репарации на самитот во Копенхаген следната недела, со цел да се постигнат договори до крајот на октомври.