Анализите за претходните осум случаи што беа доставени се завршени од страна на интерната комисија, а за резултатите јавноста ќе биде информирана кога за нив ќе се произнесе и комисијата од странски експерти што треба да пристигне во земјава
Нови пет случаи за сомнителни кардиолошки интервенции добила домашната комисија што ја формира Министерството за здравство за испитување на наводите на кардиохирургот д-р Сашко Кедев дека во приватни здравствени установи се правеле операции на срце без основани медицински причини.
Овие случаи треба да бидат разгледувани во вторник.

Директорот на Универзитетската клиника за државна кардиохирургија, Дејан Димитриевски, денеска, за време на посетата на премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство Азир Алиу на установата, одговарајќи на новинарски прашања соопшти какви случаи се испитувале во претходните осум предмети што беа доставени до здравствените власти.
Анализите на овие случаи се завршени од страна на домашните комисии, а за резултатите јавноста ќе биде информирана кога за нив ќе се произнесе и комисијата од странски експерти што треба да пристигне во земјава.
„Тоа се случаи на пациенти кај кои е направена коронарографија, значи дијагностичка процедура пред изведување на оперативен зафат и контролна коронарографија после изведувањето на операцијата каде што се гледаат некои неправилности“,
изјави доктор Дејан Димитриевски, пренесе ТВ Телма.
Странската комисија ќе треба да даде конечно мислење за сомнежите дека во приватните болници се правеле операции на срце без медицински оправдана причина, а со цел да се „испумпаат“ пари од Фондот за здравствено осигурување. Инаку, станува збор за експерти од Словенија, Италија и Австрија, кои ќе почнат со работа по локалните избори.
„Нашата комисија вчера имаше состанок, заврши со осумте случаи. Имаме уште пет други, ќе продолжи во вторник. Надворешната комисија ќе дојде тогаш кога и ние ќе бидеме спремни за да може да продолжиме со нив. Не се правно договорени заради законските пречки. Потпишувањето на договорите со нив ќе биде после изборите“,
изјави министерот за здравство, Азир Алиу.
Инаку, дека се пристигнати пет нови случаи за сомнителни кардиолошки интервенции ресорниот министер потврди и пред неколку дена во телевизиско гостување. Во таа пригода тој рече дека засега нема да се даваат делумни информации за она што ќе го утврдат комисиите за кардиолошките случаи, туку ќе се излезе со конечен извештај откако целосно ќе заврши експертизата. Дополнително, тој рече оти очекува до здравствените власти да бидат доставени и други случаи од институции и граѓани.
За оваа тема, која предизвика бран реакции во јавноста, денеска од новинарите беше прашан и премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека неговото мислење за академикот Сашко Кедев и неговите констатации се врвна индикација за да се преземе нешто веднаш и да се открие што е правено и дали е правено.
„Кога еден светски стручњак тоа го кажува, тука мора да има заднина и мора да ја откриеме таа заднина“,
рече премиерот.
Во врска со комисиите што ги формира Министерството за здравство за испитување на наводите на д-р Кедев, премиерот рече дека, колку што е информиран, тие работат на осум случаи за сомнителни кардиолошки интервенции.
„Така што нема да оставиме ништо на случајноста, секој оној којшто се богател на грбот на граѓаните, посебно во здравството и на здравјето на граѓаните ќе има одговорност“,
кажа Мицкоски.
Минатата недела „360 степени“ објави сторија во која го анализираше случајот со кардиолошките интервенции што во јавноста го актуализира кардиохирургот д-р Сашко Кедев во гостување на Радио „Канал 77“ пред речиси месец и половина.
Првиот човек на ресорот здравство, Азир Алиу, се воздржа директно да ги соопшти првичните наоди од осумте случаи кои ги разгледува интерната комисија во Министерството за здравство, но објаснувајќи го процесот, тој индиректно потврди дека во случајот освен чад, веројатно има и оган.
Освен интерната комисија, ад-хок проверки на досиеја на пациенти ќе врши и Лекарската комора. А, врз основа на извештаите од интерната комисија и проверките на Лекарската комора, препораки ќе даде комисија од странски експерти.
Интерната комисија и Лекарската комора, во суштина, бараат одговори на прашањето дали е направена штета по здравјето на граѓаните. Но, отворена е и дилемата – дали е направена штета и на буџетот на Фондот за здравствено осигурување.