Претходната вечер, аеродромот Алборг, кој се користи и за комерцијални и за воени летови, беше затворен околу три часа поради беспилотни летала во неговиот воздушен простор, само неколку дена откако главниот аеродром во Копенхаген беше затворен поради тоа што беа забележани беспилотни летала што предизвикаа загриженост за европската безбедност

Воздушниот простор над аеродромот Алборг во Данска е повторно отворен рано утрово откако беше затворен втора ноќ по ред поради сомнителна активност на беспилотни летала, соопшти данската полиција.
„Воздушниот простор над аеродромот Алборг е повторно отворен во петокот во 00:35 часот откако беше затворен поради сомнителна активност на беспилотни летала“,
објави полицијата на социјалната мрежа Икс.
Аеродромот беше затворен речиси еден час откако во областа беше забележан сомнителен дрон, изјави полицијата за новинската агенција Рицау.
Претходната вечер, аеродромот Алборг, кој се користи и за комерцијални и за воени летови, беше затворен околу три часа поради беспилотни летала во неговиот воздушен простор, само неколку дена откако главниот аеродром во Копенхаген беше затворен поради тоа што беа забележани беспилотни летала што предизвикаа загриженост за европската безбедност.
Министерот за одбрана на Данска во четвртокот изјави дека ноќните напади со беспилотни летала биле хибридни напади, кои комбинираат воени и разузнавачки тактики и имале за цел ширење страв.
Данските власти изјавија дека сè уште не е јасно кој стои зад инцидентите и дека Данска сè уште не одлучила дали да го активира Член 4 на НАТО, кој им овозможува на членовите да побараат консултации за какви било безбедносни проблеми.