Според студијата, американскиот претседател активно се обидува да се меша во европските избори, да ги трансформира трансатлантските односи кон конзервативните вредности и да ги обедини десничарските популисти во Европа околу темата за слобода на говорот
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп води културна војна против Европа со агресивно промовирање на политичките и идеолошките сојузници на движењето МАГА (Америка повторно голема) на континентот и јавно понижување на Европската Унија (ЕУ) на светската сцена, заклучува заедничкиот извештај на Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) и Европската културна фондација, пишува британски „Гардијан“.

Според студијата, американскиот претседател активно се обидува да се меша во европските избори, да ги трансформира трансатлантските односи кон конзервативните вредности и да ги обедини десничарските популисти во Европа околу темата за слобода на говорот.
Извештајот сугерира дека поделбите, двоумењата и „пристапот со ласкање, помирување и одвлекување на вниманието“ на лидерите на ЕУ во справувањето со Трамп само го охрабриле таквиот третман.
Користејќи истражувања и анкети од сите 27 земји членки на Унијата, во извештајот се тврди дека повеќето земји на ЕУ имаат проевропски влади, а европското јавно расположение е доволно силно за блокот да застане и да „ја брани Европа што го пишува своето сценарио“.
Извештајот ја споредува позицијата на Европа со онаа на централниот лик во филмот „Шоуто на Труман“, во кој главниот лик на крајот сфаќа дека е лик во ТВ-серија чиј единствен приоритет е да ја зголеми својата гледаност и мора да одлучи дали да ја напушти удобноста на единствената реалност што ја знае.
Во извештајот, како што пишува британскиот весник, се наведува дека лидерите на ЕУ трошат премногу енергија реагирајќи на кризите чии креатори се Трамп и неговите европски сојузници, како Виктор Орбан во Унгарија, Џорџа Мелони во Италија или Роберт Фицо во Словачка, а кои се однесуваат на царинските политики, критиките за слободата на говорот до зголемувања на трошоците за безбедност и стравувања од миграцијата.
„Во културната војна на Трамп, цел е самата Европа“,
вели Павел Зерка од ЕЦФР, притоа посочувајќи на обвинувањата на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс од февруари годинава кога рече дека Европа „се повлекува од фундаменталните споделени вредности“, што, како што додава, го означил почетокот на културната војна на администрацијата на Трамп со Европа.
Според Зерка, говорот на Венс на Минхенската безбедносна конференција ја откри намерата на Вашингтон да се меша во изборите, да ги претстави односите меѓу САД и ЕУ како „раздвојување на вредностите“ и да ја направи слободата на говорот повик за здружување на партиите што ја поддржуваат каузата МАГА во Европа.
„Трамп оттогаш дополнително ја покажа својата намера во оваа насока, со исклучување на лидерите на ЕУ од разговорите за иднината на Украина, напаѓајќи ги мејнстрим политичките партии низ целиот континент и принудувајќи ги институциите во Брисел на трговските преговори“,
вели Зерка.
Извештајот ја наведува Полска како пример за обидот на Трамп да „го помести идеолошкиот центар на гравитација на европската политика“ со угостувањето на националистичкиот претседателски кандидат Карол Навроцки во Белата куќа и поддршката за него на социјалните мрежи.
Зерка тврди дека културната војна се одвива на две нивоа – идеолошки конфликт околу вредностите што лежат во основата на европската политика, но и „борба за достоинството, кредибилитетот и идентитетот на Европа како автономен актер на глобалната сцена“.
„Брисел и европските престолнини треба да прифатат дека се во културна војна – чија цел е Европа и да дејствуваат соодветно. Ова не значи дека Европа треба да го провоцира Трамп на секој чекор“,
вели тој.

Сепак, како што наведува аналитичарот, Европската Унија може да ги искористи своите силни страни и „да напредува наместо да страда во светскиот поредок чија дестабилизација е забрзана од претседателот на САД“.
Студијата сугерира дека условите се созреани за европските лидери да го напуштат „филмскиот сет“ на Трамп. Анкетите покажуваат дека европското расположение – чувството на припадност кон заеднички простор, споделување заедничка иднина и придржување кон заедничките вредности – е силно.
Податоците од Евробарометарот покажуваат дека довербата на граѓаните во ЕУ е на највисоко ниво од 2007 година и се зголемила во 12 земји. Ваквата перцепција е најсилна во Шведска, Франција, Данска и Португалија, откако Трамп се врати во Белата куќа.
Речиси ниту една партија во моментов не сака да ја напушти ЕУ, а мнозинството граѓани во сите земји членки, освен во три земји (Романија, Полска и Чешка) сметаат дека улогата на ЕУ во заштитата на европските граѓани од глобални кризи и безбедносни ризици мора да стане поважна.
Анкетата на ЕЦФР од мај годинава, исто така, открива широка поддршка за поголеми европски трошоци за одбрана и воена автономија од САД, како и растечко чувство дека Европа и САД претставуваат „два различни модели на демократија“.
Иако оваа слика е далеку од униформна, Зарка тврди дека ниедна земја членка нема да избега од влијанието на културната војна, повикувајќи ги дури и евроскептичните лидери да сфатат дека ЕУ е „единствената рамка во која можат да го заштитат националниот суверенитет и просперитет“.
Националните лидери треба да го отфрлат ласкањето како стратегија кон Трамп, дури и ако тоа ги зголемува трансатлантските тензии, а Европската комисија (ЕК) „мора да биде храбра“ и да распореди инструменти како што се Законот за дигитални услуги и трговските алатки, вели тој.