Повреденото лице е транспортирано во Клиничкиот центар во Скопје за укажување медицинска помош
Со полициски хеликоптер попладнево е спасено повредено лице што со теренско возило излетало од планински пат над селото Горно Јеловце во Општина Врапчиште близу косовската граница, информираат вечерва од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС).

„Трите лица што биле со него, од кое едното е доктор, во моментот на несреќата биле надвор од возилото. Веднаш пријавиле на бројот 112 и побарале помош за извлекување на тешко повреденото лице“,
велат од ДЗС.
На местото на настанот веднаш е упатен полициски хеликоптер, а повреденото лице е транспортирано во Клиничкиот центар во Скопје за укажување медицинска помош.

Од Центарот за управување со кризи (ЦУК) информираат дека за случајот е пријавено во 17:24 часот, по што веднаш е побарано ангажирање на полициски хеликоптер и специјални единици (алпинисти) за спасување на повреденото лице.
И Министерството за внатрешни работи (МВР) информираше за случајот, испраќајќи и видео од спасувачката акција.
Оттаму додаваат дека со повреди се здобил А.Џ., кој со полициски хеликоптер е транспортиран до Клиничкиот центар во Скопје.